ВЛАДАТА ГО УСВОИ РЕБАЛАНСОТ Еве каде ќе се трошат дополнителните милијарди денари
Со дополнетиот ребаланс се обезбедуваат повеќе средства за земјоделски субвенции, здравство, спорт, студентски и ученички стандард, социјална заштита и капитални инвестиции, кои достигнуваат околу 46 милијарди денари.

Владата го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година, во кој се вградени усвоените амандмани од собраниската Комисија за финансирање и буџет. Со нив се обезбедуваат дополнителни средства за жените кои вршат земјоделска дејност, воспоставување национална СОС линија за поддршка на жртвите на родово и семејно насилство, како и отворање и ставање во функција на два згрижувачки центри за жртви на семејно и родово базирано насилство.
Дополнетиот предлог-ребаланс, со вградените амандмани и предложените измени, ќе биде доставен до Собранието на усвојување.
Според Министерството за финансии, со ребалансот вкупните приходи се планирани на 379,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се проектирани на 425,8 милијарди денари. Дополнителните средства се насочени кон утврдени приоритети.
Предвидени се повеќе средства за земјоделски субвенции, субвенции во железничкиот сообраќај, поддршка на спортот, како и за подобрување на студентскиот и ученичкиот стандард.
Дополнителна финансиска поддршка е обезбедена и за најранливите категории граѓани преку социјални надоместоци, средства за заштитни друштва, народни кујни и мерки за деинституционализација. Повеќе средства се издвоени и за здравствената заштита.
Капиталните инвестиции со ребалансот се зголемуваат на околу 46 милијарди денари, што претставува раст од 14,5 проценти во однос на иницијалниот Буџет за 2026 година. Истовремено, се предвидува намалување на расходите за стоки и услуги.
Со дополнетиот ребаланс, буџетскиот дефицит е проектиран на 46,3 милијарди денари, односно 4,1 процент од БДП, додека проекцијата за економскиот раст останува на ниво од 3,5 проценти.


