ХУТИТЕ ИСПРАТИЈА ЗАКАНА Танкерите со саудиска нафта го сменија курсот
Тензиите на Блискиот Исток повторно го тресат нафтениот пазар – бродовите наместо кон Индискиот Океан се пренасочија кон Суецкиот канал по заканите за напади.

Два танкери натоварени со саудиска нафта, наменета за купувачи во Кина и Индија, го сменија планираниот курс и се пренасочија кон Црвеното Море, откако јеменските Хути, сојузници на Иран, се заканија дека ќе напаѓаат бродови што превезуваат саудиска нафта. Потегот дополнително ги зголеми ризиците за глобалното снабдување со енергенси и отвори ново жариште во ескалацијата на конфликтот меѓу САД и Иран.
Танкерите, кои нафтата ја натовариле во саудиското пристаниште Јанбу, наместо да продолжат кон теснецот Баб ел-Мандеб и потоа кон Индискиот Океан, се упатиле кон Суецкиот канал, покажуваат податоците од системите за следење на бродскиот сообраќај.
Хутите, кои контролираат значителен дел од северен и западен Јемен, вклучително и дел од крајбрежјето на влезот во Црвеното Море, во понеделникот прогласија поморска блокада на Саудиска Арабија. Во порака до бродските компании тие предупредиле дека сите пловила што ќе товараат или истовараат саудиска нафта може да станат цел на напади.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека стратешкиот теснец Баб ел-Мандеб, кој го поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив, засега не е затворен. Тој предупреди дека САД ќе реагираат доколку дојде до негово затворање.
„Досега тоа не се случило. Ако нешто такво се случи, ние ќе се погрижиме за тоа“, изјави Трамп.
Во меѓувреме, конфликтот меѓу САД и Иран продолжува да се интензивира. Американските сили извршија нови напади врз цели во јужниот и западниот дел на Иран, додека Техеран возврати со напади врз американски позиции во Бахреин, Кувајт и Јордан. Трамп потврди дека од почетокот на конфликтот загинале 18 американски војници, од кои четворица во последните денови биле убиени во ирански напади врз американски воени бази во Јордан и Ирак.
Иранските државни медиуми известија и за експлозии во близина на јужниот град Шираз, како и за напади во областите Конарак и Чабахар и врз цивилен објект во близина на Абданан, во западниот дел на земјата. Дополнителна загриженост предизвика информацијата на британската агенција за поморска безбедност UKMTO дека танкер во Ормутскиот теснец бил погоден од ракета. По инцидентот, членовите на екипажот го напуштиле бродот и се префрлиле во чамци за спасување.
Зголемените ризици за поморскиот сообраќај и стравувањата од нови прекини во снабдувањето со нафта се одразија и врз пазарите. Цената на нафтата забележа раст од повеќе од два проценти, при што барел сурова нафта „Брент“ се искачи над 91 долар.


