ДЕМЕТРА ВО МАКЕДОНИЈА Кај Куманово откриени траги од мистериозно светилиште старо над 2.300 години

Годинашните истражувања на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане се фокусираа на простор за кој археолозите претпоставуваат дека можел да има посебна обредна и религиозна функција.

ДЕМЕТРА ВО МАКЕДОНИЈА Кај Куманово откриени траги од мистериозно светилиште старо над 2.300 години
Фото: Принтскрин

Археолошкото одделение при НУ Музеј Куманово ги заврши археолошките истражувања на локалитетот Градиште во Младо Нагоричане, каде што годинашните ископувања донесоа нови сознанија за древниот живот на овој простор.

Истражувањата се реализирани под раководство на Дејан Ѓеорѓиевски, кустос советник, археолог и раководител на проектот.

Годинава археолозите се фокусираа на секторот Долна тераса, простор каде што и во претходните истражувачки сезони биле регистрирани траги кои укажувале дека не станува збор за обичен населбински простор, туку за место со можна посебна обредна и религиозна функција.

Новите наоди дополнително го отвораат прашањето дали на локалитетот во античкиот период постоело светилиште поврзано со култот на божицата Деметра, позната во античкиот свет како божица на земјоделството и плодноста.

Доколку овие претпоставки бидат потврдени со понатамошните археолошки анализи, откритието би можело да даде значаен придонес во проучувањето на античките култови и религиозни практики на територијата на Македонија.

Локалитетот Градиште во Младо Нагоричане и понатаму останува важна точка за археолошките истражувања, а секоја нова сезона може да донесе дополнителни одговори за неговата улога и значење пред повеќе од два милениуми.

CATEGORIES
Share This