СКОПЈЕ ПО НЕВРЕМЕТО 117 возила оштетени, 189 дрвја паднати, 10 лица повредени – штетите се огромни

МВР со првична официјална пресметка на последиците од силното невреме кое го зафати Скопје и други делови од земјата.

СКОПЈЕ ПО НЕВРЕМЕТО 117 возила оштетени, 189 дрвја паднати, 10 лица повредени – штетите се огромни
Фото: Принтскрин

Силното невреме што вчера го зафати Скопје предизвика сериозни материјални штети и повреди на повеќе лица, а најголем број последици се регистрирани на подрачјето на СВР Скопје.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, до 22 часот биле евидентирани 117 оштетени патнички возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрвја, седум оштетени семафори, пет пожари и 10 повредени лица.

Невремето предизвикало штети и на повеќе објекти од витално значење, меѓу кои објектите на ОЈО ГОКК, комплексот „Вили Водно“, Аеродромската полициска база Петровец, објектот „Нова Македонија“, како и објекти на Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и Јавното обвинителство.

Последици од невремето се регистрирани и во други делови од земјата. На подрачјето на СВР Куманово пријавени се девет оштетени возила и три оштетени покриви, додека во СВР Тетово се евидентирани пет настани – три оштетувања на возила и две оштетувања на кровни конструкции. Во Гостивар, според МВР, нема пријавени материјални штети или повредени лица.

Во Велес биле пријавени две оштетувања на патнички возила предизвикани од паднати дрвја. Во Струмица, пак, паднале електрични столбови во селата Доброшинци и Градошорци, а во Свидовица дошло до прекин во снабдувањето со електрична енергија.

На подрачјето на СВР Битола не се регистрирани позначајни последици. Во Македонски Брод бил забележан краткотраен силен ветер, но без пријавени материјални штети или паднати дрвја. Во Штип се регистрирани 14 оштетени возила и шест оштетени кровни конструкции.

Невремето предизвикало проблеми и на ГП Меѓународен аеродром Скопје. Поради протекување на кровот, околу час и половина бил прекинат излезот од државата.

Штети се регистрирани и во Транзитниот центар Табановце, каде биле оштетени дел од привремените објекти за сместување на мигранти, меѓу кои шатори и помошни објекти. Регистрирани биле и паднати дрвја, но без причинета материјална штета.

Од МВР информираат дека полициските службеници постапуваат по сите пријави поврзани со последиците од невремето, во координација со останатите надлежни институции. Се преземаат мерки за обезбедување на безбедноста на граѓаните, расчистување на теренот и нормализирање на сообраќајот и функционирањето на јавните служби.

Во расчистувањето на последиците се вклучија и припадници на Армијата, кои излегоа на терен по силното невреме во Скопје.

Од Армијата порачаа дека нивната брза реакција, професионалност и посветеност уште еднаш ја потврдиле подготвеноста да бидат со граѓаните и да помогнат во моменти кога тоа е најпотребно.

CATEGORIES
TAGS
Share This