ПЕТ ЛИЦА УЧЕСТВУВАЛЕ ВО КРВАВАТА ОДМАЗДА ВО ШТИП Убиство по претходна средба за мирење
Осомничениот и жртвата претходно преку мобилни апликации се договориле за средба со цел да ги расчистат долготрајните недоразбирања. Но, наместо помирување, средбата завршила трагично.

Основното јавно обвинителство во Штип отвори истражна постапка против пет турски државјани осомничени за тешко кривично дело — убиство и помагање по извршување на кривично дело. Според првичните информации, убиството се случило вечерта на 8 мај во угостителски објект во Штип, а мотивите зад нападот се поврзани со лична одмазда.
Првоосомничениот, 21-годишен турски државјанин, според обвинителството, на почетокот на мај во Скопје нелегално набавил огнено оружје — пиштол со калибар 9 мм и избришани ознаки, за сума од 1.100 евра. Со истиот пиштол, тој во вечерните часови на 8 мај, во кафе-бар во Штип, по краток разговор со жртвата, исто така турски државјанин, отворил оган и му нанел повеќе огнострелни повреди од кои жртвата починала.
Настанот, како што информираат од обвинителството, бил внимателно планиран. Осомничениот и жртвата претходно преку мобилни апликации се договориле за средба со цел да ги расчистат долготрајните недоразбирања. Но, наместо помирување, средбата завршила трагично.
По извршувањето на убиството, останатите четири осомничени — тројца мажи и една жена на возраст од 22 до 28 години — му помогнале на сторителот да се обиде да избега. Според истрагата, тие го качиле во автомобил марка БМВ, управуван од осомничената девојка, и заедно се упатиле кон Скопје. Обидот за бегство бил спречен кај наплатната станица Миладиновци, каде полицијата ги запрела. Осомничените се обиделе да избегуваат апсење, но биле фатени и приведени.
Од петмината осомничени, тројца имале пријавен престој во Штип, додека извршителот и еден од помагачите биле без регулиран престој во Македонија. За сите обвинети, Јавното обвинителство достави предлог за определување мерка притвор.


