ГОЛЕМИ ГУЖВИ НА ПАТИШТАТА На Табановце се чека еден час, воведени и нови забрани

На Табановце се чека околу еден час, а возачите треба да внимаваат и на повеќе делници каде има одрони, градежни работи и посебни сообраќајни режими.

ГОЛЕМИ ГУЖВИ НА ПАТИШТАТА На Табановце се чека еден час, воведени и нови забрани
Фото: Национал

Сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива непречено и по суви коловози, информираат од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ). Сепак, интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е зголемен.

На граничниот премин Табановце има зголемена фреквенција на возила, при што времето на чекање за влез во земјава е околу еден час. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ апелира до возачите да ја прилагодат брзината на движење, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите каде постои можност од појава на одрони.

Посебно внимание се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од 15 април, патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за сообраќај за сите видови возила до 3,5 тони.

Летни забрани за тешки товарни возила

Во периодот од 1 јули до 31 август на државните патишта во земјава важи летен режим на сообраќај со забрана за движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони во одредени периоди за време на викендите и при екстремно високи температури.

Забраната важи:

  • петок: од 17:00 до 22:00 часот;
  • сабота: од 09:00 до 18:00 часот;
  • недела: од 09:00 до 22:00 часот.

При екстремно високи температури, забраната ќе важи и од понеделник до четврток, во периодот од 11:00 до 17:00 часот.

Ограничувањето не се однесува на возила што превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури, леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материјали, како и на возила ангажирани за реализација на проекти на државните патишта.

Посебен режим на патот Скопје – Охрид

На магистралниот пат А2, на делницата Скопје – Охрид – Скопје, до 1 септември е забрането движењето на тешки товарни возила со вкупна маса над 7,5 тони во одредени термини за време на викендите.

Забраната важи:

  • петок: од 15:00 до 22:00 часот;
  • сабота: од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот;
  • недела: од 07:00 до 22:00 часот.

Посебниот режим е воведен со цел да се избегнат сообраќајни застои кон Охрид, да се намалат гужвите на наплатните пунктови и да се овозможи побрз проток на возила во летниот период.

Времен режим поради градежни работи

На повеќе патни правци во земјава во моментов се одвиваат градежни и санациски активности, поради што се воспоставени времени режими на сообраќај.

Од 6 јули започна времената измена на сообраќајот при санација на мостот на реката Брегалница на регионалниот пат Р1204 во Штип. Режимот ќе важи до завршувањето на санацијата.

Времен режим е воспоставен и на државниот пат А2, на делницата Гостивар – Стража, каде се врши санација на мостовите – Вијадукт на Атанасова Река и Вијадукт на Дол.

Градежни активности се изведуваат и на мостовите на А2 на реката Вардар во близина на селото Желино, во двата правци, како и на делницата Смоквица – Гевгелија поради изградба на премин на интерконективен гасовод под автопатот А1 „Пријателство“.

На скопската обиколница, на државниот пат А2, се врши рехабилитација на делница во должина од 250 метри од клучката Волково до клучката Кондово. Сообраќајот се одвива по средната и десната лента, додека левата лента за претекнување е затворена.

Времен режим е воспоставен и на регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост поради санација на свлечиште.

Во рамки на изградбата на Коридорот 10Д, во тек е и времен режим на сообраќај на патниот правец Прилеп – Битола, при што движењето на возилата се пренасочува по регионалниот пат од клучката Лагово до Тополчани.

Од АМСМ апелираат до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно и да ја почитуваат поставената патна сигнализација.

CATEGORIES
Share This