ПОСЛЕДНИОТ ТАНЦ НА МЕСИ ИЛИ НОВАТА ЕРА НА ЈАМАЛ Светот вечерва гледа спектакл
Аргентина и Шпанија вечерва за првпат во историјата се среќаваат во финале на Мундијал како актуелен светски и европски шампион.

Фудбалскиот свет вечерва ќе биде вперен кон стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси, каде од 21:00 часот ќе започне големото финале на Светското првенство 2026. Во битката за трофејот ќе се сретнат актуелниот светски првак Аргентина и европскиот шампион Шпанија, дуел каков што досега не е виден во историјата на Мундијалите. Аргентина ќе се обиде да ја одбрани титулата освоена пред четири години и да ја потврди својата фудбалска ера, додека Шпанија ќе атакува на втората светска круна во својата историја.
Најголемото внимание ќе биде насочено кон судирот на две генерации, искусниот Лионел Меси, кој можеби го игра последниот меч на светските првенства, и младата сензација Ламин Јамал, кој со своите настапи го воодушеви светот.
Очекувани состави на двете селекции, За Шпанија Симон – Поро, Кубарси, Лапорт, Кукуреља – Родри, Руиз – Јамал, Олмо, Баена – Ојарзабал. За Аргентина Емилијано Мартинез – Молина, Ромеро, Лисандро Мартинез, Таљафико – Де Паул, Паредес, Мек Алистер, Енцо Фернандез – Меси, Хулијан Алварез.
Шпанија до завршниот меч стигна со фантастични перформанси. „Фуријата“ ја заврши групната фаза без пораз, а во елиминациите ги совлада Австрија, Португалија, Белгија и Франција. Одбраната на Шпанците беше на високо ниво и во нокаут фазата примија само еден гол.
Аргентина, пак, имаше потежок пат до финалето. „Гаучосите“ беа максимални во групната фаза, а потоа мораа да минат низ драматични натпревари. По продолженија ги елиминираа Зеленортските Острови и Швајцарија, направија пресврт против Египет, а во полуфиналето ја совладаа Англија.
Организаторите најавуваат спектакуларно полувреме, кое според најавите ќе трае до 17 минути. Публиката ќе има можност да проследи настапи на големи светски музички имиња, меѓу кои се најавуваат Мадона, Шакира, BTS, Џастин Бибер, Coldplay и други ѕвезди.
Главен судија на финалето ќе биде Словенецот Славко Винчиќ, со судиски тим од Словенија, додека одговорен за ВАР технологијата ќе биде Германецот Бастијан Данкерт.
Сè е подготвено за големата пресметка, Аргентина за одбрана на светскиот трон, Шпанија за враќање на врвот, а фудбалскиот свет за уште една историска ноќ.


