47 ПРИМЕРОЦИ ОТКРИЈА ГОЛЕМА ВИСТИНА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ НИВИ Што покажаа анализите на почвата

Проектот CARBONICA откри каде постои потенцијал за складирање јаглерод, а каде се потребни нови мерки за подобрување на плодноста и приносите.

47 ПРИМЕРОЦИ ОТКРИЈА ГОЛЕМА ВИСТИНА ЗА МАКЕДОНСКИТЕ НИВИ Што покажаа анализите на почвата
Фото: Принтскрин

Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) во Битола ги презентираше резултатите од стручниот извештај изработен во рамки на проектот CARBONICA, кој се однесува на состојбата на органската материја и потенцијалот за складирање јаглерод во земјоделските почви во земјава.

Извештајот, подготвен од проф. д-р Миле Маркоски од Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, опфаќа анализа на 47 почвени примероци земени од 33 земјоделски парцели. Целта на истражувањето била да се добијат точни податоци за квалитетот на почвите и можностите за подобрување на нивната плодност преку современи и одржливи земјоделски практики.

Анализите на содржината на органска материја, хумус и органски јаглерод биле спроведени во Акредитираната лабораторија за анализа на почва и ѓубрива при Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје.

Директорот на АПРЗ, Пеце Стојковски, оцени дека CARBONICA претставува важен чекор кон примена на научно засновани решенија во македонското земјоделство.

„АПРЗ останува силен партнер на земјоделците во воведувањето практики кои ја подобруваат плодноста на почвите, ги зголемуваат приносите и го зачувуваат природното богатство. Резултатите од проектот ни даваат конкретни препораки кои ќе им помогнат на земјоделците да постигнат поконкурентно и поодржливо производство“, истакна Стојковски.

Според проф. д-р Миле Маркоски, резултатите покажале дека дел од анализираните парцели имаат добар потенцијал за складирање јаглерод, додека кај други се потребни дополнителни активности за подобрување на квалитетот на почвата.

„Органската материја и органскиот јаглерод имаат директно влијание врз плодноста, задржувањето на водата, микробиолошката активност и долгорочната продуктивност на земјоделските површини. За подобрување на состојбата се препорачуваат мерки како органско ѓубрење, минимална обработка на почвата и зачувување на растителните остатоци“, посочи Маркоски.

Наодите од истражувањето беа презентирани и пред земјоделци од пелагонискиот регион, со цел запознавање со можностите за примена на агроеколошки практики кои ќе придонесат за подобра плодност и поголема отпорност на земјоделските површини.

Од АПРЗ најавија дека активностите во рамки на CARBONICA ќе продолжат преку проширување на анализите, советодавна поддршка за земјоделците и промоција на мерки за подобро управување со почвените ресурси и развој на одржливо земјоделство.

CATEGORIES
Share This