РАЗДОР ВО АЛИЈАНСАТА ЗА АЛБАНЦИТЕ Фетаи се дистанцира од Таравари

И покрај новонастанатата ситуација, ВЛЕН изразува надеж дека дел од функционерите на АА ќе останат лојални на досегашната коалиција и на заедничката владина агенда.

РАЗДОР ВО АЛИЈАНСАТА ЗА АЛБАНЦИТЕ Фетаи се дистанцира од Таравари

Се продлабочуваат несогласувањата во редовите на Алијансата за Албанците (АА), откако лидерот Арбен Таравари презеде чекори што го доведуваат во судир со коалициските партнери од движењето ВЛЕН. И покрај новонастанатата ситуација, ВЛЕН изразува надеж дека дел од функционерите на АА ќе останат лојални на досегашната коалиција и на заедничката владина агенда.

Меѓу нив, посебно се истакнува вицепремиерот Арбен Фетаи, кој според ВЛЕН, покажува отстапување од ставовите на партискиот лидер. Фетаи, кој е делегиран од страна на Таравари за одржување на комуникацијата со ВЛЕН, во последните јавни настапи упати пораки на помирување и посветеност кон мисијата за реформи и искоренување на лошото владеење, особено од страна на ДУИ.

„Во јавноста гледаме дека министерот Арбен Фетаи е гласот што се разликува од некои постапки на претседателот на Алијансата. Посакуваме овој поинаков глас да се зајакне. Сè уште би сакале АА да биде дел од коалицијата ВЛЕН, но не и со поединци кои соработувале или и понатаму соработуваат со ДУИ“, изјави Билал Касами, претставник на ВЛЕН.

Фетаи, пак, и покрај меѓусебните критики што излегоа во јавноста меѓу ВЛЕН и АА, останува воздржан и повикува на достоинствена политичка борба.

„ВЛЕН беше надеж, без двоумење. Тоа беше храбар национален проект кој покажа дека Албанците можат да се обединат против заедничкото зло. Верувам дека Алијансата ќе остане на патот на достоинството и храброста. Ќе продолжам да се борам за нашата мисија, без да навредувам оние со кои донесовме промени“, изјави Фетаи.

Од ВЛЕН додаваат дека и други членови на АА ја делат оваа визија и веруваат дека можат да продолжат соработката, без разлика на курсот што го зазема лидерот Таравари.

Дали ова ќе доведе до внатрешно преобликување на Алијансата за Албанците и нова прераспределба на политичките сојузи, останува да се види во наредниот период.

CATEGORIES
Share This