СЕ КАРАА ПРЕД НАРОДОТ, А ЗАД СЦЕНАТА ДЕЛЕЛЕ МИЛИОНИ Бура околу Изборниот законик
Од партијата бараат укинување на државното финансирање на изборните кампањи и велат дека без тоа нема фер избори.

Измените на Изборниот законик и јавните препукувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица и ЗНАМ се само „режирана претстава“ за народот, а вистинската цел, според Единствена Македонија, била обезбедување на буџетски средства за финансирање на изборните кампањи.
Од партијата тврдат дека зад јавните несогласувања се постигнал договор со кој постојниот Изборен законик продолжува да фаворизира само дел од политичките субјекти.
Според нивните пресметки, на предвремените парламентарни избори пролетта во 2027 година, во рамки на 20-дневната изборна кампања, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ВЛЕН би добиле по околу 800.000 евра од буџетот. Левица и ЗНАМ би добиле околу 300.000 евра, додека останатите парламентарни партии без пратеничка група околу 200.000 евра.
Единствена Македонија оценува дека со ваквиот модел вонпарламентарните партии се практично исклучени од изборната трка, бидејќи без државно финансирање немаат еднакви услови за водење кампања и комуникација со граѓаните.
„Ако едни партии добиваат милионски суми од државниот буџет, а други се оставаат без никаква поддршка, тогаш не може да се зборува за фер и демократски изборен процес“, наведуваат од партијата.
Од Единствена Македонија ги повикуваат ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица и ЗНАМ, како што велат, доколку навистина се залагаат за фер Изборен законик, да го прифатат нивниот амандман за укинување на државното финансирање на политичките партии.
Според партијата, доволно е да се укине само еден член од Изборниот законик со кој се предвидува финансирање на изборните кампањи од државниот буџет, со што би се отстранила, како што велат, нееднаквоста меѓу политичките субјекти.


