ПАРИ ПОВЕЌЕ НЕМА ДА ДОБИЈАТ Мицкоски со жестока порака до судиите и обвинителите

По критиките од Брисел за состојбите во правосудството, Мицкоски најави дека ќе продолжи јавно да бара резултати и одговорност од судиите и обвинителите.

ПАРИ ПОВЕЌЕ НЕМА ДА ДОБИЈАТ Мицкоски со жестока порака до судиите и обвинителите
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски реагираше на последниот извештај на Европската комисија за состојбите во правосудството, оценувајќи дека станува збор за редовен документ кој се однесува и на земјите членки и на дел од кандидатите, а не за извештај за напредокот на Северна Македонија во процесот на пристапување кон ЕУ.

Според Мицкоски, извештајот содржи и позитивни оценки и критики, но во целина претставува најдобар извештај за земјата во споредба со претходните.

„Ова е најдобар извештај за нас како држава споредено со претходно. Дали е одличен? Не е. Има забелешки, но има и многу пофалби, констатирани проекти и политики што даваат резултати“, изјави премиерот.

Како клучни забелешки од документот тој ги посочи политичките влијанија врз правосудството, барањата за зголемување на буџетските средства, како и критиките за работата на судиите и обвинителите.

Мицкоски порача дека ќе продолжи јавно да инсистира на поголема ефикасност од правосудниот систем, нагласувајќи дека граѓаните не се задоволни од испораката на правда.

„Моја работа е јавно да ги повикувам судиите и обвинителите да испорачуваат правда. Ќе продолжам во таа насока, без оглед на извештаите. Граѓаните сами констатираат дека правосудниот систем не е на задоволително ниво“, рече тој.

Премиерот категорично порача дека Владата нема да одобри дополнителни средства за судството и обвинителството, и покрај барањата за зголемување на буџетот.

„Пари повеќе нема да добијат, затоа што не ги заслужиле. Очекуваме правда да биде испорачана“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека Владата, според неговите зборови, веќе ги исполнила барањата поврзани со вработувањата и самостојноста на институциите, но смета дека финансиската независност сама по себе не значи и независно правосудство.

„Независноста не се обезбедува само со пари, туку со работа. Ако некој мисли дека преку финансиски притисок ќе влијае врз Владата, тоа нема да биде прифатено“, порача Мицкоски.

CATEGORIES
Share This