ТЕНЗИЧНО ВО МАДРИД Алварез се чувствува предаден, Атлетико одбива да го пушти

Клубот категорично одбива да преговара за продажба, но реакцијата на аргентинскиот напаѓач отвори нова фронта во трансферната војна.

ТЕНЗИЧНО ВО МАДРИД Алварез се чувствува предаден, Атлетико одбива да го пушти
Фото: Принтскрин

Трансферната сага меѓу Барселона и Атлетико Мадрид околу Хулијан Алварез добива нови драматични моменти. Иако каталонскиот клуб веќе испратил понуда од 100 милиони евра за аргентинскиот напаѓач, таа била веднаш одбиена од мадридскиот клуб. Атлетико е незадоволен што Барселона воспоставила контакт со играчот, особено откако Алварез во јавноста навести дека би сакал промена на средината. Ситуацијата дополнително се вжешти по изјавите на извршниот директор на Атлетико, Гил Марин.

Марин категорично порача дека Алварез не е на продажба и дека клубот нема да го пушти ниту за понуда од 150 или 200 милиони евра.

„Не сакаме да го продадеме Хулијан Алварез. Не ја прифативме понудата од 100 милиони евра, а нема да прифатиме ниту 150 или 200 милиони. Тој не е на продажба“, изјави Марин.

Тој додаде дека ставот на клубот е јасен и дека тоа им било соопштено и на самиот фудбалер, неговите агенти и на раководството на Барселона.

„Алварез е совршен напаѓач за нашиот систем и веруваме дека Атлетико е вистинското место за него. Сакаме да остане“, порача првиот човек на клубот.

Марин истовремено го нападна претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, обвинувајќи го дека создава медиумски притисок и дека му дава лажна надеж на играчот.

„Лапорта знае дека нема ништо од овој трансфер. Хулијан Алварез нема да игра за Барселона следната сезона. Тој продолжува да си игра со емоциите на луѓето, а најлошо е што тоа го прави и со самиот Алварез“, изјави Марин.

Сепак, токму овие зборови би можеле да предизвикаат нов проблем за Атлетико. Според шпанските медиуми, Алварез бил исклучително незадоволен од јавното настапување на клубот и смета дека бил ставен во непријатна позиција. Наводно, напаѓачот е особено лут што Атлетико ја отвори темата за неговата иднина непосредно пред финалето на Светското првенство и еден од најважните натпревари во неговата кариера.

Според ESPN, Алварез и неговиот тим сметаат дека клубот го прекршил ветувањето дадено претходно оваа година дека ќе му овозможи трансфер доколку побара заминување.

Аргентинецот во моментов сака целосен мир и концентрација за финалето на Мундијалот, но по завршувањето на турнирот се очекува повторно јавно да го изнесе својот став и да побара нов предизвик надвор од Атлетико Мадрид.

CATEGORIES
Share This