СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА Еден човек – еден глас, време е за една изборна единица

Претседателката смета дека сегашниот систем создава разлики во вредноста на гласовите.

СИЉАНОВСКА – ДАВКОВА Еден човек – еден глас, време е за една изборна единица
Фото: Принтскрин

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека воведувањето модел со една изборна единица би било добро решение за Македонија, бидејќи, како што вели, секој глас треба да има еднаква вредност, без оглед од кој дел на државата доаѓа. Во телевизиско интервју, таа оцени дека иако овој изборен модел не се применува во голем број земји, може успешно да функционира и во македонски услови.

„Гласот треба да има иста тежина. Не е добро во различни изборни единици со различен број гласови да се доаѓа до мандат“, изјави Сиљановска-Давкова.

Идејата за една изборна единица со години ја застапуваат помалите политички партии, кои сметаат дека сегашниот модел создава нерамноправност и отежнува влез на помалите субјекти во Собранието. Во меѓувреме, продолжуваат несогласувањата меѓу партиите околу измените на Изборниот законик. Од Левица ја обвинија СДСМ дека со неприсуството на состанокот за усогласување на ставовите пропуштила можност опозицијата да настапи со заеднички предлог.

СДСМ, пак, како едно од клучните спорни прашања го посочува гласањето на дијаспората, особено можноста за електронско и поштенско гласање, барајќи дополнителни анализи поради ризик од можни злоупотреби. За ВМРО-ДПМНЕ, токму регулирањето на гласањето на иселениците преку електронски или поштенски модел е еден од главните услови во преговорите за новиот Изборен законик.

Сиљановска-Давкова потсети дека според Уставот, избирачкото право произлегува од државјанството, оценувајќи дека постојните законски решенија за дијаспората имаат одредени нелогичности. Таа посочи дека голем број држави им овозможуваат на своите граѓани во странство да учествуваат на избори и повика на постигнување поширок политички консензус.

Според претседателката, дополнителното одложување на реформите во изборното законодавство значи пропуштање на важни чекори од европската агенда, што може да влијае и врз користењето на европските фондови.

CATEGORIES
Share This