НАД 35 ИЛЈАДИ ГРАЃАНИ ДОБИЈА ПОВИК ОД УЈП Проверете ја е-поштата, профилот ви е незавршен

УЈП ги повикува граѓаните кои започнале регистрација во е-ППД да ја довршат постапката за активирање на профилот

НАД 35 ИЛЈАДИ ГРАЃАНИ ДОБИЈА ПОВИК ОД УЈП Проверете ја е-поштата, профилот ви е незавршен
Фото: Национал

Управата за јавни приходи (УЈП) ги известува граѓаните дека се преземени активности за завршување на процесот на регистрација во системот е-Даночни услуги (Е-ППД) за оние корисници кои поднеле барање за креирање профил, но не ја завршиле целосно постапката.

Од извршените проверки во системот е утврдено дека повеќе од 35.000 граѓани имаат започнато регистрација на кориснички профил како даночни обврзници – физички лица, но процесот сè уште не е финализиран.

УЈП до овие корисници испрати персонализирани известувања преку електронската пошта info@ujp.gov.mk, со упатства за понатамошните чекори потребни за активирање на профилот.

Од институцијата ги повикуваат граѓаните кои добиле известување да се обратат во надлежната канцеларија на УЈП со важечки документ за идентификација, каде овластено службено лице ќе ја одобри регистрацијата.

Активниот профил во системот е-Даночни услуги (Е-ППД) овозможува:

  • користење на електронски услуги преку порталот uslugi.gov.mk;
  • увид во податоците од Годишната даночна пријава за данок на личен доход;
  • добивање уверенија за остварен доход и користење услуги поврзани со надлежностите на УЈП;
  • полесно остварување права пред други институции, кои користат податоци доставени од Управата за јавни приходи;
  • користење на правото за поврат на дел од ДДВ преку апликацијата „МојДДВ“, за што е потребен активен профил во системот е-ППД.

Граѓаните на кои им се потребни дополнителни информации можат да се обратат до УЈП преку електронската адреса info@ujp.gov.mk или на телефонските броеви 02/3253-200 и 0800 33 000 (само од фиксни оператори).

CATEGORIES
Share This