УНЕСКО ПОВТОРНО ГО КРЕНА АЛАРМОТ Охрид пред опасност да падне на ‘црната листа’“

Најновиот извештај оценува дека напредокот е недоволен, а клучните препораки за заштита на природното и културното наследство сè уште не се реализирани.

УНЕСКО ПОВТОРНО ГО КРЕНА АЛАРМОТ Охрид пред опасност да падне на ‘црната листа’“
Фото: Принтскрин

Охридскиот Регион повторно се соочува со можност да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО. Во најновиот извештај на Центарот за светско наследство се оценува дека напредокот во спроведувањето на препораките е недоволен, а заканите за природното и културното наследство остануваат сериозни.

Иако Северна Македонија и Албанија презеле одредени активности, Комитетот констатира дека голем дел од мерките предложени по претходните мониторинг мисии и одлуки сè уште не се целосно реализирани.

Во нацрт-одлуката се бара двете држави да преземат конкретни корективни мерки за зачувување на исклучителната универзална вредност на регионот, со посебен акцент на запирање на нелегалната градба, урбанизациските притисоци и деградацијата на природното и културното наследство.  Од Македонија и Албанија се очекува да изготват заеднички акциски план со јасно определени активности, рокови и механизми за следење на реализацијата.

Експертите предупредуваат дека проблемите со заштитата на Охридското Езеро и неговото крајбрежје не се нови.

„Тапкаме во место затоа што постојано ги повторуваме истите забелешки и повторно се доведуваме во ситуација Охридскиот Регион да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. Ова не е проблем од денес и се провлекува со децении. Потребна е поголема посветеност и фокусираност“, изјави директорката на Хидробиолошкиот институт во Охрид, Орхидеја Тасеска.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, не сакаше да го коментира нацрт-извештајот пред официјалната одлука. Тој посочи дека извештаите од 2019 година наваму имаат слична содржина и дека својот став ќе го соопшти по завршувањето на седницата на Комитетот. Конечната одлука ќе ја донесе Комитетот за светско наследство на 48. сесија, која ќе се одржи од 19 до 29 јули во Бусан, Јужна Кореја.

ПОРАДИ СПОРНИОТ ХОТЕЛ НА МИЈАЛКОВ Охрид добива клоца од УНЕСКО

CATEGORIES
TAGS
Share This