ГО ДОБИ ДАРОТ НА ЖИВОТОТ Мете-Марит излезе од болница по тешката трансплантација
Норвешката престолонаследничка е пуштена дома еден месец по трансплантацијата на белите дробови, но ја очекува долг период на рехабилитација и медицински надзор.

Норвешката престолонаследничка Мете-Марит е пуштена од болница, околу еден месец по трансплантацијата на белите дробови, соопшти Кралската палата.
Од палатата информираа дека 52-годишната принцеза се опоравува „најдобро што може да се очекува во овие околности“, но дека пред неа следува долг период на рехабилитација.
Во следните шест месеци Мете-Марит ќе биде под постојан медицински надзор, а лекарите внимателно ќе го следат нејзиното закрепнување поради можни компликации, меѓу кои и отфрлање на трансплантираниот орган или инфекции.
Според медицинските проценки, целосното стабилизирање по трансплантација на бели дробови најчесто трае околу една година. Поради тоа, престолонаследничката нема да ги извршува своите официјални обврски во периодот на рехабилитација.
Нејзиниот сопруг, престолонаследникот Хакон, изрази олеснување по досегашниот тек на лекувањето.
„Иако знаеме дека нè очекува долг пат на закрепнување и дека можни се компликации, многу сум среќен што стигнавме до оваа точка“, изјави тој.
Мете-Марит во 2018 година беше дијагностицирана со неизлечива белодробна фиброза, заболување кое постепено ја нарушува функцијата на белите дробови. Во јуни годинава таа доби трансплантиран орган, кратко откако беше ставена на листата на чекање.
Во својата порака по излегувањето од болница, принцезата им се заблагодари на лекарите, медицинскиот персонал и на сите што ѝ пружиле поддршка, но посебно им оддаде признание на донаторите на органи.
„Длабоко сум благодарна. Пред сè, сакам да им се заблагодарам на сите што одлучуваат да донираат органи. Со нивната одлука добив дар на животот. Нема доволно зборови за да ја изразам мојата благодарност и почит“, порача Мете-Марит.
ХОИБИ ПРЕД СУД ЗА СИЛУВАЊЕ – Најголем скандал за норвешката монархија


