АНГЛИЈА ИМАШЕ ФИНАЛЕ ВО РАЦЕ, А ПОТОА СЕ ПОЈАВИ МЕСИ Луд пресврт за ново финале на Аргентина
Англија водеше до 85. минута, но Меси со две магични асистенции го режираше пресвртот и ја однесе Аргентина во големото финале.“

Аргентина направи голем пресврт и ја елиминираше Англија со 2:1, а главен инспиратор на победата беше Лионел Меси, кој со две асистенции во завршницата го насочи натпреварот во корист на „гаучосите“. Првото полувреме помина без погодоци, но со многу борба и прекини. Тимовите повеќе се фокусираа на дуелите отколку на создавањето шанси, па во првите 30 минути немаше ниту еден упатен удар кон гол и нешто што не се случило на Светско првенство уште од 1966 година.
Англија прва успеа да ја скрши блокадата. Во 55-та минута, Ентони Гордон го искористи одличниот центаршут од Морган Роџерс и донесе предност од 1:0. По водството, англиската селекција се повлече и му дозволи на противникот да ја преземе контролата. Аргентина го зголеми притисокот, а наградата стигна во 85-та минута. Меси испрати прецизен центаршут, а Енцо Фернандез го претвори во израмнување на 1:1.
Драмата продолжи во судиското продолжение. По ударот на Алексис Мек Алистер кој заврши во стативата, топката стигна до Меси, кој повторно испрати идеална топка во шеснаесетникот. Лаутаро Мартинез беше на вистинското место и го постигна победничкиот гол за конечни 2:1.
Со овој пораз, Англија остана без шанса да стигне до првото финале на Мундијалот по легендарната титула од 1966 година. Аргентина, пак, по вторпат по ред ќе игра во финале на Светското првенство, каде во недела против Шпанија ќе се обиде да ја одбрани титулата.
По елиминацијата, селекторот на англиската репрезентација, Томас Тухел, не го криеше разочарувањето, но одговори и на критиките што започнаа да пристигнуваат од јавноста.
„По секој натпревар постојат милиони селектори кои мислат дека знаат подобро“, изјави Тухел, кој веднаш се најде под притисок од англиските медиуми.
По последниот судиски свиреж, аргентинските фудбалери ја прославија победата со транспарент на кој беше испишана порака поврзана со долгогодишниот спор меѓу двете земји:
„Фокландските Острови се аргентински“.
Пораката предизвика големо внимание, бидејќи ривалството меѓу Аргентина и Англија има и историска политичка димензија, особено по конфликтот за Фокландските Острови во 1982 година. Поранешниот капитен на Англија, Вејн Руни, беше жесток во критиките по поразот.
„Дојдовме во одлична позиција, а потоа немавме идеја што треба да правиме. Се повлековме и им дозволивме да нè притиснат. Создадоа многу шанси и на крајот едноставно се распаднавме. Навистина сум разочаран“, изјави Руни.
Разочарување не криеше ниту капитенот Хари Кејн, кој призна дека поразот тешко му паднал.
„Скршен сум поради играчите, целиот тим, стручниот штаб и навивачите. Долго време имавме контрола на натпреварот, но по водството од 1:0 се обидовме само да ја зачуваме предноста, а тоа на ова ниво не е доволно. Ужасно се чувствувам, бидејќи сите напорно работевме за да стигнеме дотука“, рече Кејн.
Така, на Светското првенство 2026 остануваат уште само два натпревара, големото финале меѓу Аргентина и Шпанија и дуелот за третото место меѓу Англија и Франција.


