РИСТОСКА СО ТЕШКИ ОБВИНУВАЊА „Талир 2“ бил преземен за да се спаси „Белата палата“ од конфискација

Поранешната обвинителка Ленче Ристоска тврди дека ослободителната пресуда во „Талир 2“ има единствена цел да се оневозможи конфискацијата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

РИСТОСКА СО ТЕШКИ ОБВИНУВАЊА „Талир 2“ бил преземен за да се спаси „Белата палата“ од конфискација
Фото: Принтскрин

Поранешната обвинителка Ленче Ристоска тврди дека ослободителната пресуда за Никола Груевски во предметот „Талир 2“ е донесена со единствена цел да се оневозможи конфискацијата на, како што наведува, незаконски стекнатиот имот на ВМРО-ДПМНЕ. Ристоска, на која на 31 март ѝ беше одземен предметот непосредно пред завршните зборови и доделен на друг обвинител, потсетува дека на 2 април поднела оставка од јавнообвинителската функција, која Советот на јавни обвинители ја потврди на 8 април.

Нејзината реакција следува откако судијката Даниела Алексовска-Стојановска вчера донесе ослободителна пресуда во повтореното судење за „Талир 2“, предмет што се однесува на изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, познато како „Бела палата“. Според Ристоска, клучниот проблем е што по правосилна ослободителна пресуда не може да се води постапка за конфискација на имотот.

„Конфискацијата на имот е можна кога кривичното гонење ќе застари, но не е можна по правосилна ослободителна пресуда. Затоа ваквиот тек на настаните му ја отежнува можноста на Обвинителството да бара конфискација во посебна постапка. Клучно е дали Обвинителството ќе поднесе жалба и дали Апелациониот суд ќе се произнесе и по прашањето на конфискацијата, иако кривичното дело ќе биде застарено“, наведува Ристоска.

Таа оценува дека во соопштението на Кривичниот суд не биле наведени, како што вели, најважните факти поврзани со текот на постапката.

Ристоска посочува и на процесни одлагања кои, според неа, придонеле предметот да влезе во рокови на застарување. Како пример наведува едно од последните рочишта, кога застапниците на ВМРО-ДПМНЕ побарале одлагање поради нивно отсуство, иако нивното присуство не било законски задолжително.

„Обвинителството не се спротивставило на барањето, а судот по службена должност не реагирал и рочиштето било одложено. Сите овие настани придонесоа постапката да заврши само со првостепена одлука, без да се остави доволно време Апелациониот суд мериторно да се произнесе“, наведува таа.

Ристоска потсетува дека ѝ бил одземен и предметот „Талир 1“, кој се однесува на перење незаконски стекнати пари од раководството на ВМРО-ДПМНЕ и кој, како што вели, сè уште е на самиот почеток поради повеќекратни враќања од судовите. Во својата реакција таа заклучува дека пресудата, времето на нејзиното донесување и приближувањето на рокот за застареност упатуваат на тоа дека главната цел била да се спречи конфискацијата на имотот.

„Осудата на Груевски во овој случај е од секундарен интерес за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи кривичниот прогон и онака ќе застареше. Суштинското прашање е имотот што партијата го стекнала, кој е директна последица на дејствијата на Груевски утврдени во постапката. Овие околности само го зацврстуваат моето уверување дека предметот ми беше одземен за да се стигне до посакуваниот исход – избегнување на конфискацијата. Очекувам Обвинителството да поднесе жалба“, наведува Ристоска.

CATEGORIES
Share This