СТЕВЧЕ ЈАКИМОВСКИ ЗАД РЕШЕТКИ Шест ипол месеци затвор по пресудата што ја крена јавноста

Лидерот на ГРОМ доброволно се пријави на издржување на казната, додека од партијата обвинија за политички мотивирана пресуда.

СТЕВЧЕ ЈАКИМОВСКИ ЗАД РЕШЕТКИ Шест ипол месеци затвор по пресудата што ја крена јавноста
Фото: Принтскрин

Поранешниот градоначалник на Општина Карпош и лидер на ГРОМ, Стевче Јакимовски, доброволно се пријавил во затвор за издржување на шест и пол месечната казна, соопштија од неговата партија. Од ГРОМ изразија револт поради пресудата, оценувајќи дека станува збор за неправедна одлука бидејќи, според нив, Јакимовски бил осуден поради поставување две времени градби (бараки) во кои општинската администрација функционирала 13 години.

„Длабоко сме разочарани од одлуката на Кривичниот суд. Стевчо Јакимовски не направил штета, туку напротив, со користењето на овие објекти општината заштедила значителни средства што би биле потрошени за закуп на простор“, наведуваат од ГРОМ.

Од партијата тврдат дека поставувањето на објектите било направено со одлука на Советот на Општина Карпош, во согласност со програмата за работа, јавните набавки и обезбедените средства од општинскиот буџет.

„Тој не ги постави бараките за лични потреби, туку за функционирање на општината и услугите кон граѓаните“, велат од ГРОМ.

Партијата дополнително обвини дека судот не ја земал предвид здравствената состојба на Јакимовски, посочувајќи дека тој е пациент со сериозна здравствена историја и дека неодамна имал оперативен зафат. Од ГРОМ оценија дека случајот претставува пример за, како што велат, селективна правда и политичко влијание врз правосудството.

„Наместо еднакво да важат законите за сите, во затвор оди градоначалник кој со години беше избран од граѓаните и добиваше признанија за својата работа“, наведуваат од партијата.

Тие додаваат дека пресудата ја сметаат за неправедна и спротивна на принципите на правдата.

CATEGORIES
TAGS
Share This