МАКЕДОНИЈА ПОЧНА СО ДИГИТАЛНА ЧИСТКА Забрана за 53 сајтови за онлајн коцкање во Македонија
Министерот објасни дека станува збор за најактивните портали со најголем број корисници и обрт на средства

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, соопшти дека е потпишан првиот налог за забрана на 53 веб-портали кои нелегално организирале онлајн игри на среќа во Македонија.
„Го потпишав првиот налог за забрана на 53 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа. Станува збор за портали кои се достапни за македонските граѓани и каде што тие ги трошат своите пари. Знаеме дека се приклучуваат од македонски IP-адреси, што значи дека активностите се насочени кон домашниот пазар,“ изјави Андоновски во гостување во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа.
Министерот објасни дека станува збор за најактивните портали со најголем број корисници и обрт на средства. Налогот веќе е доставен до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), која во рок од седум дена треба да го препрати до телекомуникациските оператори, по што ќе следува блокирање на пристапот до овие сајтови.
Андоновски посочи дека ова е само првиот чекор во борбата против нелегалното онлајн коцкање.
„Ова е почеток. Овие 53 портали се првите, но следува и втор налог кој ќе опфати дополнителни сајтови. Целта е за еден месец да блокираме до 160 вакви портали,“ додаде тој.
Министерот предупреди и на ризиците по безбедноста на граѓаните.
„Проблемот не е само во нелегалноста. Постојат сериозни сомнежи за злоупотреба на лични податоци и финансиски средства. Дел од овие портали се регистрирани на меѓународни домени како .com или .net, но се управувани од Македонија, што го отежнува следењето на движењето на парите,“ нагласи Андоновски.
Министерството за дигитална трансформација најави дека ќе продолжи со активностите за спречување на нелегалното коцкање преку интернет и заштита на граѓаните од потенцијални финансиски и безбедносни злоупотреби.


