ПРЕД ДА БИДЕ ПРЕДОЦНА Рубио испрати драматична порака до кубанскиот режим
Американскиот државен секретар побара ослободување на политичките затвореници и спроведување длабоки политички и економски промени во Куба.

Американскиот државен секретар Марко Рубио ја повика кубанската влада да започне сеопфатни политички и економски реформи, по повод петтата годишнина од масовните антивладини протести што ја потресоа Куба во 2021 година.
Во соопштение на американскиот Стејт департмент се наведува дека илјадници Кубанци тогаш излегле на улиците барајќи подобра иднина, повеќе слободи и економски промени, а властите одговориле со апсења и употреба на сила против демонстрантите. Според Вашингтон, стотици лица и натаму се наоѓаат во затвор поради учество во протестите, поради што САД повторно побараа нивно итно ослободување.
Рубио оцени дека Куба и понатаму се соочува со длабока економска криза, обележана со чести прекини на електричната енергија, недостиг од храна и растечка сиромаштија. Тој истакна дека Соединетите Американски Држави продолжуваат да обезбедуваат хуманитарна помош, како и извоз на храна, лекови и други основни производи за кубанскиот народ.
Според него, американската администрација ѝ понудила на Куба можност за подобрување на односите и поддршка за економска реконструкција, доколку властите спроведат суштински политички и економски реформи. Сепак, Рубио тврди дека кубанското раководство ги отфрла ваквите иницијативи, избирајќи да ја задржи целосната политичка и економска контрола.
Во соопштението се наведува и дека кубанските власти продолжуваат да ги обвинуваат надворешните фактори за состојбата во земјата, додека, според американската страна, соработуваат со држави и организации што Вашингтон ги смета за закана за својата национална безбедност.
Рубио порача дека САД ќе продолжат да користат дипломатски и други расположливи механизми за да се спротивстават на, како што наведува, безбедносните закани што произлегуваат од кубанскиот режим, но и да ги поддржат реформите што би овозможиле подобра иднина за кубанските граѓани.
„Кубанските лидери мора да изберат пат на вистински реформи, мир и просперитет пред да биде предоцна“, се наведува во заклучокот од соопштението на Стејт департментот.


