63.000 И 44.000 ЕВРА Познати цените по кои заминаа становите поврзани со Груевски

Два од петте конфискувани станови се продадени, додека луксузните апартмани на Водно повторно се нудат на продажба со пониски цени.

63.000 И 44.000 ЕВРА Познати цените по кои заминаа становите поврзани со Груевски
Фото: Национал

Два од петте конфискувани станови поврзани со поранешниот премиер Никола Груевски се продадени преку електронско јавно наддавање организирано од Агенцијата за управување со одземен имот.

Продадени се два стана лоцирани на улицата „Бихаќка“ во Скопје, и тоа по почетните цени утврдени во јавниот оглас. Стан од 57 квадратни метри бил продаден за 63.000 евра, додека стан со површина од 38 квадратни метри достигнал цена од 44.000 евра.

Трите станови во луксузниот комплекс „Панорама“ на Водно не нашле купувачи на првото наддавање. Поради тоа, тие повторно биле понудени на продажба, но со пониски почетни цени, согласно законските одредби за управување со одземен имот. Вкупната проценета почетна вредност на овие станови е намалена од околу 2,4 милиони евра на 1,84 милиони евра.

Имотот беше одземен со правосилната пресуда во случајот „Плацеви на Водно“, во кој Никола Груевски беше осуден за перење пари и противправно стекнување и прикривање имот. Според судската одлука, спорните недвижности биле стекнати со средства од незаконско финансирање, поради што биле конфискувани во корист на државата.

По продажбата на дел од становите, Груевски реагираше преку социјалните мрежи, негирајќи дека имотот бил негова сопственост. Тој ја оспори судската одлука и повтори дека случајот претставува политички мотивиран процес.

Во својата реакција, поранешниот премиер наведе дека обвинителството, според него, не успеало да докаже дека тој платил средства за становите, дека бил нивен сопственик или дека постоела каква било финансиска или правна поврзаност со нив.

Груевски тврдеше и дека во постапката не биле презентирани материјални докази што би ја потврдиле неговата поврзаност со недвижностите, како договори, докази за плаќања, сопственички документи или други релевантни записи.

Тој се осврна и на сведочењата во предметот, посочувајќи дека бизнисменот Јордан Камчев првично негирал поврзаност со случајот, но подоцна, според тврдењата на Груевски, го променил исказот под притисок.

Во објавата, Груевски упати обвинувања дека процесот бил политички мотивиран и изнесе тврдења за наводни притисоци врз обвинети лица и судии во текот на судската постапка.

Предметот „Плацеви на Водно“ беше еден од најследените судски случаи поврзани со поранешни високи државни функционери. Груевски и претходно во повеќе наврати ги отфрлаше обвиненијата и ја негираше својата вмешаност во случајот.

ДВАПАТИ ПРОПАДНАА, СЕГА ПОВТОНО СЕ НА ОГЛАС Колку чинат трите луксузни станови на Груевски на Водно

CATEGORIES
TAGS
Share This