ДВАПАТИ ПРОПАДНАА, СЕГА ПОВТОНО СЕ НА ОГЛАС Колку чинат трите луксузни станови на Груевски на Водно
Трите апартмани во „Панорама резиденс“ со вкупна површина од 750 квадратни метри и почетна цена од 2,457 милиони евра повторно се понудени на продажба.

За почетна вкупна цена од 2,457 милиони евра, државата повторно ги понуди на продажба трите луксузни станови во комплексот „Панорама резиденс“ на Водно, кои Обвинителството ги посочуваше како скриен имот на поранешниот премиер Никола Груевски. Становите беа конфискувани по правосилната пресуда за предметот „Плацеви на Водно“.
Ова е трет обид за нивна продажба, откако претходните две јавни наддавања завршија без заинтересирани купувачи. Станува збор за три апартмани со вкупна површина од околу 750 квадратни метри, опремени со луксузен ентериер и големи тераси со поглед кон Скопје.
Првиот стан има површина од 155 квадратни метри, со тераса од 95 квадратни метри. Почетната цена за наддавање е 760.000 евра, а според достапните фотографии, апартманот располага и со џакузи. Вториот апартман е со површина од 199 квадратни метри и балкон од 48 квадратни метри. Неговата почетна цена е 847.000 евра. Третиот стан е со речиси иста големина, 200 квадратни метри, со тераса од 48 квадратни метри, а почетната проценета вредност изнесува 850.000 евра.
Заинтересираните купувачи ќе можат да ги разгледаат становите на 16 јули, додека електронското јавно наддавање е закажано за 29 јули.
Во предметот „Плацеви на Водно“, Никола Груевски првично беше осуден на седум години затвор, а Апелацискиот суд ја преиначи пресудата и ја зголеми казната на девет години затвор. Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како претседател на политичка партија не прикажал одредени средства како партиски донации, туку, според обвинителството, ги искористил за купување земјиште на Водно.


