ЖЕСТОКА РАСПРАВА ВО СОБРАНИЕТО Судир околу судбината на Инспекторатот за јазиците
Со измените се предвидува укинување на правниот статус на Инспекторатот за употреба на јазиците.

Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ги усвои измените на Законот за инспекторат за употреба на јазиците, предложени од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Движењето ЗНАМ. Поддршка не добија шесте амандмани на пратеникот Сали Мурати од Европскиот фронт, кој обвини дека измените претставуваат напад врз Уставот и обид за укинување на независноста на Инспекторатот.
Претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов, го повика Мурати да го повлече шестиот амандман поради техничка неусогласеност со содржината на законот, но Мурати одби, посочувајќи дека станува збор за грешка на собраниските служби и дека стои зад амандманот.
Со измените се предвидува укинување на правниот статус на Инспекторатот за употреба на јазиците. Според предложеното, надлежностите, вработените и средствата на инспекторатот ќе бидат префрлени во Министерството за правда. Исто така, новиот директор ќе треба да поседува сертификат за познавање на еден од четирите најчесто користени јазици во ЕУ (англиски, француски, германски или италијански) на ниво Б2, издаден од акредитирана институција.
Пратеничката од Европскиот фронт, Рина Ајдари, оцени дека со предложените измени се укинува независноста на Инспекторатот, а институцијата се сведува на обична канцеларија под директна контрола на извршната власт. Таа предупреди дека ваквото централизирање ќе го наруши интегритетот на инспекциските надлежности и ќе ја намали одговорноста на институциите што го прекршуваат Законот за употреба на јазиците.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, оцени дека измените се дел од поширока административна реформа и дека треба да се гледаат како усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа и реформската агенда поддржана од Европската комисија. Тој најави воздржано гласање за да се избегнат политички интерпретации.
Бобан Карапејовски од Движењето ЗНАМ истакна дека измените имаат за цел сите инспекторати да бидат поставени во согласност со актуелната законска рамка. Тој додаде дека Инспекторатот за македонски јазик има поскромен статус и дека со слични измени се бара унифицирање на правниот статус на сите инспекторати. Карапејовски апелираше за надминување на политичките дебати и фокусирање на функционалноста на институциите, посочувајќи дека дел од вработените во Инспекторатот немаат примено плата со месеци.
Иако измените на законот добија поддршка од парламентарното мнозинство во комисијата, опозициските пратеници предупредуваат дека со нив се врши централизација и се намалува ефикасноста на контролата врз спроведувањето на Законот за употреба на јазиците.


