ДРАМА ВО АВИОН Србин преживеа хорор на летот Солун–Минхен, сопругата и патници го спасиле од сигурна трагедија
По откажување на моторот и кршење на прозорецот, 61-годишниот Србин бил делумно извлечен од авионот, но сопругата и патниците успеале да го спасат во последен момент.

Вистинска драма се одвивала во авион на „Рајанер“ кој летал од Солун кон Минхен, откако дел од моторот се откачил и оштетил прозорец во патничката кабина. Во инцидентот, 61-годишен државјанин на Србија, кој седел до прозорецот, бил делумно извлечен надвор од авионот поради ненадејната декомпресија.
Неговиот живот бил спасен благодарение на сигурносниот појас, но и на брзата реакција на неговата сопруга и уште неколку патници кои успеале да го задржат и да го вратат назад во кабината.
„Седеше до прозорецот. Имаше врзан појас, но половина од телото му беше надвор од авионот. Маските за кислород паднаа, сите беа во паника и никој не знаеше што да направи“, изјавила неговата сопруга.
Според неа, сè се случило за неколку секунди. Таа и уште двајца патници го држеле нејзиниот сопруг додека авионот се наоѓал на голема височина.
„Тројца го влечевме назад во авионот. Сите плачеа. Тој се онесвести неколку пати“, раскажала таа.
Патниците прво слушнале силен удар, а потоа следел хаос во кабината. Маските за кислород автоматски се активирале, а дел од патниците помислиле дека дошло до експлозија.
Според сведоштва на патници, мажот седел на местото 11F, веднаш до оштетениот прозорец. Поради силата на декомпресијата, бил извлечен кон надворешноста на авионот, додека останатите патници се обидувале да го задржат.
Пилотот веднаш ја следел процедурата за итни случаи и побарал дозвола за враќање и принудно слетување на аеродромот „Македонија“ во Солун. Авионот безбедно слетал, а патниците биле евакуирани.
Повредениот патник и лицата кои му помогнале биле префрлени во болница. Неговиот здравствен статус не е детално соопштен, но според информациите, тој се опоравува.
Од „Рајанер“ потврдија дека за време на летот бил оштетен еден прозорец во кабината.
„Авионот безбедно слета, патниците беа вратени на терминалот, а еден патник побара и доби медицинска помош. За да се намали доцнењето, беше обезбеден друг авион за продолжување на патувањето“, соопшти компанијата.
Истрагата треба да покаже како дошло до одвојување на делот од моторот и оштетувањето на прозорецот што предизвика опасната ситуација во воздухот.


