ДЕФЕКТ НА ГЛАВЕН ВОДОВОД Повеќе скопски населби и неколку општини денеска без вода
Прекинот започна од 09:00 часот поради дефект на водоводна цевка во Пинтија, а екипите на ЈП „Водовод и канализација“ се на терен.

Повеќе скопски населби и неколку општини денеска останаа без вода поради дефект на главната водоводна мрежа, соопшти ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Прекинот во водоснабдувањето започна во 09:00 часот, а без вода се дел од корисниците во населбите Пинтија, Усје, Долно Лисиче и Драчево, како и жителите на Батинци, Студеничани, Моране и Зелениково.
Од претпријатието информираат дека причината за прекинот е дефект на водоводна цевка со пречник Ф-600 милиметри на улицата „Борис Трајковски“, во близина на бензинската пумпа „Лукоил“ во населбата Пинтија.
Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ се веќе на терен и работат на отстранување на дефектот. Од претпријатието посочуваат дека водоснабдувањето ќе биде нормализирано веднаш по завршувањето на интервенцијата.


