МВР ПРИВЕДЕ 13 ВОЗАЧИ ПОРАДИ БЕЗОБЅИРНО ВОЗЕЊЕ Најмногу возеле без возачка дозвола
Четворица се затекнати во Скопје, тројца во Прилеп, а останатите во повеќе градови низ државата. Регистрирани се и случаи на возење под дејство на алкохол и екстремно брзо возење.

Полициски службеници во текот на контролите во сообраќајот лишиле од слобода 13 возачи поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, информира Министерството за внатрешни работи.
Од приведените, 10 лица управувале возило без положен возачки испит. Четири од нив биле затекнати во Скопје, три во Прилеп, а по едно лице во Тетово, Долнени и Градско.
Дополнително, по едно лице во Охрид и Битола било лишено од слобода поради управување возило под дејство на алкохол, додека во гевгелискиот регион еден возач бил приведен поради управување со брзина значително поголема од дозволената.
Од МВР соопштуваат дека по целосното документирање на сите случаи ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит, за време на важечка забрана за управување или под дејство на алкохол, со цел заеднички да се придонесе за поголема безбедност на патиштата.


