ССМ ПРОТИВ ИДЕЈАТА ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ НА 72 ГОДИНИ Потребни се нови работни места, а не подолг работен век
Синдикатот предупредува дека продолжувањето на старосната граница не е трајно решение за пензискиот систем и предлага реформи што ќе обезбедат одржливост и достоинствени пензии.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) изрази сериозна загриженост поради јавните дискусии за можноста за зголемување на старосната граница за пензионирање, во кои како една од опциите се споменува продолжување на работниот век до 72 години.
Од ССМ оценуваат дека ваквите предлози не претставуваат долгорочно решение за финансиските предизвици во пензискиот систем, туку само привремено би го намалиле дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), без да ги отстранат суштинските проблеми.
Во објава на својата Фејсбук-страница, Синдикатот се повикува на податоците од Државниот завод за статистика, според кои очекуваниот животен век во земјава изнесува 76,63 години.
„Според ‘Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија 2025’ на Државниот завод за статистика, очекуваниот животен век во државата изнесува 76,63 години. Дали тоа значи дека идејата е, наместо пензија, да се работи речиси до крајот на животниот век?“, прашуваат од ССМ.
Според Синдикатот, наместо продолжување на работниот век, државата треба да се фокусира на политики што ќе го зголемат бројот на вработени, особено меѓу младите, преку отворање нови и одржливи работни места како резултат на домашни и странски инвестиции, како и преку повисоки плати.
Од ССМ сметаат дека токму поголемата вработеност и подобро платените работни места ќе обезбедат повеќе приходи во ПИОМ, ќе придонесат за намалување на сиромаштијата и ќе го подобрат животниот стандард.
Воедно, Синдикатот повикува на креирање политики што ќе гарантираат пристојна работа, целосно почитување на работничките права и меѓународните трудови стандарди, со цел младите да останат да живеат и работат во Македонија.
Како дел од своите предлози, ССМ бара можност за пензионирање по 40 години работен стаж за мажите и 35 години за жените, воведување предвремена пензија, предвремена старосна пензија по возраст, неполна старосна пензија, како и можност за докуп на работен стаж.
Дополнително, Синдикатот предлага воведување бенефициран работен стаж за градежните работници и за вработените во други професии кои работат во особено тешки и ризични услови што негативно влијаат врз нивното здравје.
„Наместо продолжување на работниот век, потребни се системски решенија што ќе обезбедат одржлив пензиски систем и достоинствени услови за работа и пензионирање“, порачуваат од ССМ.


