СООБРАЌАЈОТ СЕ ОДВИВА НЕПРЕЧЕНО ПО СУВИ КОЛОВОЗИ На ГП Богородица се чека околу 30 минути
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по суви коловози, а АМСМ апелира за внимателно возење поради можни одрони на неколку патни правци.

Сообраќајот на државните патишта низ Македонија се одвива непречено и по суви коловози, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е зголемен, а најголема фреквенција е забележана на граничниот премин Богородица, каде времето на чекање за премин изнесува околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна засега нема подолги задржувања ниту за влез, ниту за излез од државата.
Од АМСМ апелираат до возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, особено на делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои можност од појава на одрони.
Посебна претпазливост се препорачува на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Воедно, АМСМ потсетува дека од 15 април патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк „Галичица“ е повторно отворен за сообраќај за сите видови возила со максимална дозволена тежина до 3,5 тона.


