20% ОД СВЕТСКАТА НАФТА МИНУВА ТУКА Хормутскиот теснец повторно го тресе светот

Новата воена ескалација меѓу Вашингтон и Техеран ги вознемири пазарите, а цените на нафтата повторно тргнаа нагоре.

20% ОД СВЕТСКАТА НАФТА МИНУВА ТУКА Хормутскиот теснец повторно го тресе светот
Фото: Принтскрин

Нов бран тензии меѓу Вашингтон и Техеран предизвика потрес на глобалните енергетски пазари, по што цените на нафтата повторно забележаа раст. Американската Централна команда (CENTCOM) соопшти дека започнала нови воени операции против цели поврзани со Иран, наведувајќи дека акцијата е одговор на нападите врз комерцијални бродови во и околу Ормутскиот теснец.

Дополнителна неизвесност создаде изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој порача дека претходно договореното примирје и дипломатските разговори со Техеран повеќе не се актуелни, оценувајќи дека преговарачкиот процес е завршен. Хормутскиот теснец, кој ги поврзува Персискиот Залив и Арапското Море, претставува една од најзначајните светски транспортни рути за нафта. Поради тоа, секое нарушување на безбедноста во регионот веднаш се одразува врз цените на енергенсите. Аналитичарите предупредуваат дека и ограничени прекини во транспортот би можеле дополнително да ги зголемат трошоците за нафта и превоз.

По веста за новите американски операции, цената на северноморската нафта „Брент“ се искачи на околу 78,8 долари за барел, додека американската нафта WTI достигна приближно 74,3 долари. CENTCOM дополнително ги отфрли тврдењата од Техеран дека Иран има право да го контролира преминувањето низ Ормутскиот теснец, нагласувајќи дека станува збор за меѓународен воден пат.

„Иран не го контролира Хормутскиот теснец. Од почетокот на мај, американските сили помогнаа во безбедното поминување на над 800 трговски бродови и транспортот на околу 380 милиони барели сурова нафта низ овој важен меѓународен коридор“, соопшти американската команда преку платформата „Икс“.

Во меѓувреме, Техеран најави можност за воведување царини за бродовите што транзитираат низ теснецот, потег што наиде на противење од повеќе држави. Хормутскиот теснец останува едно од најчувствителните геополитички жаришта во светот, бидејќи низ него поминуваат околу 20 проценти од глобалните количини на сурова нафта и гас. Секоја нова ескалација меѓу САД и Иран може дополнително да ја зголеми нестабилноста на енергетските пазари.

ТЕХЕРАН СЕ ЗАКАНУВА Хормутскиот теснец е наш, Американците да си одат веднаш или…

CATEGORIES
Share This