МИЦКОСКИ ОТКРИ ШТО Е УСЛОВОТ ЗА ДОГОВОРОТ Ќе прифатиме сè, но дијаспората мора да гласа

Власта и опозицијата повторно влегоа во спор околу изборните правила, додека Брисел очекува исполнување на реформските обврски.

МИЦКОСКИ ОТКРИ ШТО Е УСЛОВОТ ЗА ДОГОВОРОТ Ќе прифатиме сè, но дијаспората мора да гласа
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека текстот на новиот Изборен законик веќе бил усогласен со речиси сите политички партии, но дека процесот бил закочен откако Левица одбила да го потпише договорениот предлог, а потоа и СДСМ доставила забелешки. Според него, актуелните несогласувања се претвораат во политичка пресметка, наместо во обид за постигнување договор.

„Работевме неколку месеци со сите пратенички групи и имавме усогласен текст. Тој беше потпишан од сите партии, освен од Левица, која кажа дека се согласува со содржината, но не сака да го потпише предлогот“, рече Мицкоски.

Тој порача дека владејачкото мнозинство е подготвено да го прифати секој предлог на опозицијата, доколку во него бидат вклучени препораките на ОБСЕ/ОДИХР и решението за гласањето на дијаспората.

„Договорете се, доставете текст и ние ќе го прифатиме. Една изборна единица, повеќе средства за партии, каков било предлог и немаме проблем, само да бидат исполнети клучните услови“, нагласи премиерот.

Мицкоски предупреди дека времето истекува и дека неизгласувањето на Изборниот законик може да значи губење на повеќе од четири милиони евра од европските средства предвидени преку реформскиот план. Еврокомесарката за проширување Марта Кос, по средбата со премиерот, истакна дека усвојувањето на Изборниот законик е важно за напредокот на земјата и дека со исполнувањето на реформските обврски Македонија може да добие дополнителни средства.

Ова не е само формално исполнување на услов, туку нешто што треба да донесе подобрување за граѓаните и државата“, порача Кос.

Таа додаде дека Македонија има можност да продолжи со реформите и да ги искористи средствата од Планот за раст на Европската унија, кои се условени со исполнување на конкретни чекори. Премиерот повтори дека гласањето на дијаспората е едно од најважните прашања, бидејќи според него сегашниот модел не овозможува доволна излезност на македонските иселеници, особено во прекуокеанските земји.

„Не е нормално граѓани од Австралија или Канада да патуваат со часови за да го остварат своето право на глас. Затоа предложивме решение кое ќе го олесни нивното учество“, изјави Мицкоски.

Тој ги обвини Левица и СДСМ дека со амандманите и одбивањето на договорот прават политички застои, додека опозицијата сè уште нема доставено заеднички предлог.

„До денеска немаме усогласен текст од опозицијата. Сите треба да преземат одговорност и да најдеме решение до средината на јули“, порача премиерот.

https://nacionalno.mk/edinstvena-makedoni-a-elektronsko-glasa-e-doma-i-vo-stranstvo-pari-za-izbori-za-site-ili-za-niko/

CATEGORIES
Share This