УДАР ВО СТРАТЕШКАТА ВРСКА НА ИРАН Американски напади го оштетија мостот кон Кина и Русија
Техеран тврди дека нападите продолжиле и покрај прекинот на огнот, а Министерството за здравство пријави 14 загинати и 78 повредени.

Железничкиот мост Ак Такех Кан во северната иранска покраина Голестан бил оштетен во воздушните напади на САД врз Иран, соопшти иранската новинска агенција Фарс.
Станува збор за важен транспортен коридор кој го поврзува Иран со Кина и Русија, а трасата преку Туркменистан и Казахстан претставува значајна копнена трговска врска за Техеран.
Според иранските медиуми, значењето на овој коридор дополнително се зголемило по блокадата на иранските пристаништа во Персискиот Залив, додека Русија планира да го користи овој правец за товарен транспорт кон Иран од крајот на 2025 година. Иранските власти очекуваат мостот наскоро да биде поправен и повторно пуштен во употреба.
По нападите, иранското Министерство за надворешни работи ја осуди акцијата на САД, нарекувајќи ја „агресија“ и обвинувајќи ја американската армија за, како што наведоа, „сериозни воени злосторства“.
„Министерството ја нагласува решеноста на иранскиот народ да го брани територијалниот интегритет, суверенитетот и безбедноста на земјата“, се наведува во соопштението објавено преку официјалните канали.
Во меѓувреме, иранското Министерство за здравство соопшти дека во нападите на 8 и 9 јули биле погодени пет ирански провинции. Според податоците на властите, загинале најмалку 14 лица, а 78 биле повредени.
Портпаролот на Министерството за здравство, Хосеин Керманпур, изјави дека 47 повредени лица сè уште се на болничко лекување, додека останатите биле пуштени по укажаната медицинска помош.
Техеран тврди дека нападите биле извршени и покрај актуелниот прекин на огнот меѓу Иран и САД. Американската страна засега не ги потврди деталите за последиците од нападите.


