14 НАГРАДИ, 80 ФЕСТИВАЛИ И НОВ ГОЛЕМ УСПЕХ Овој Македонец е во центарот на вниманието
Македонскиот актер кој постигна успех на американската сцена се враќа во центарот на вниманието со ново големо признание.

Со проекцијата на филмот „Држи се за мене“ на кипарската режисерка Мирсини Аристиду денеска започнува петтото издание на Фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“. Фестивалот ќе се одржува до 15 јули во Дојран, Струмица и Гевгелија.
Во рамките на фестивалската програма ќе бидат прикажани два филма посветени на годинашниот лауреат на наградата за високо актерско достигнување во филмската уметност „Мето Јовановски“ актерот Тони Наумовски. Ќе биде прикажан и филмот „Павилјон“ во чест на легендарниот македонски актер Мето Јовановски.
Наумовски, кој е роден во Сиднеј, Австралија, своето образование го стекнувал во Софија, Сиднеј и на престижната актерска школа на Ли Стразберг во Њујорк, каде што живее и работи повеќе од две децении. Тој гради успешна меѓународна кариера во театарот, филмот и телевизијата, а со улогата во македонскиот филм „Лена и Владимир“ во изминатата година освои 14 награди за актерско достигнување и доби повеќе номинации на над 80 фестивали ширум светот.
Директорот на фестивалот, Јани Бојаџи, посочи дека признанието не е награда за животно дело, туку признание за актуелното творештво и меѓународниот успех на Наумовски. Според него, актерот преку својот пат од Австралија и Софија до Њујорк успеал да изгради кариера во исклучително силна светска конкуренција.
„Првата и стотата причина Тони Наумовски да биде годинашен лауреат е неговиот успех со македонски филм, со кој минатата година освои 14 актерски награди и низа номинации на повеќе од 80 фестивали во светот“, истакна Бојаџи.


