ИСТОРИЈА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ Приказната за „Силјан“ со две номинации за Emmy Awards

Филмот на Тамара Котевска е првото македонско остварување номинирано за престижните Emmy Awards, со признание во две значајни категории.

ИСТОРИЈА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ Приказната за „Силјан“ со две номинации за Emmy Awards
Фото: Принтскрин

Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска испиша историја за македонската кинематографија, откако документарниот филм доби две номинации за 78. Emmy Awards – едни од најпрестижните признанија во светската телевизиска индустрија. Ова е првпат македонски филм да се најде меѓу номинираните за наградите Emmy, со што успехот на „Силјан“ претставува значаен момент не само за македонската, туку и за регионалната документаристика.

Филмот е номиниран во категоријата „Исклучителна вредност во документарното филмско творештво“ (Exceptional Merit in Documentary Filmmaking), која ги наградува документарните остварувања со силна авторска визија, уметничка вредност и општествено влијание.

Втората номинација е во категоријата „Извонредна кинематографија за неиграна програма“ (Outstanding Cinematography for a Nonfiction Program), признание за визуелниот израз на филмот и мајсторската работа на кинематограферот Jean Dakar, кој преку камерата ја доловува приказната за човекот, природата и борбата за опстанок.

Со двете номинации, „Приказната за Силјан“ го продолжува својот меѓународен пат и го позиционира македонскиот документарен филм на светската сцена – од големите фестивали до едни од најзначајните телевизиски награди во светот. Доделувањето на 78. Emmy Awards ќе се одржи на 14 септември во Peacock Theater во Лос Анџелес, додека наградите во креативните категории, Creative Arts Emmy Awards, ќе бидат доделени на 5 и 6 септември.

CATEGORIES
Share This