ДОСТА БЕА ЗБОРОВИ, ВРЕМЕ Е ЗА ДЕЛА Муцунски со силна порака до ЕУ

Тој предупреди дека во моментот постои јаз меѓу реториката за проширување и конкретните чекори на терен, додавајќи дека е време зборовите да се претворат во дела.

ДОСТА БЕА ЗБОРОВИ, ВРЕМЕ Е ЗА ДЕЛА Муцунски со силна порака до ЕУ

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија, Тимчо Муцунски, денеска од Варшава порача дека државата останува силно посветена на реформскиот процес и на усогласување со европското законодавство, но дека очекува и конкретна реакција од Брисел во насока на исполнување на одамна дадените ветувања кон Западен Балкан.

На неформалниот состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Европската Унија и на државите кандидати за членство, Муцунски нагласи дека постои јасна политичка волја кај македонските власти за спроведување на Реформската агенда, како и за целосно усогласување со европските стандарди. Сепак, тој посочи дека досега е направен ограничен напредок од страна на ЕУ.

„Ќе бидеме посветени на реформите и на приближувањето кон ЕУ законодавството. Но, очекуваме и од Брисел, и од земјите членки, конечно да го исполнат јасното ветување што беше дадено кон Западниот Балкан пред многу години, изјави Муцунски.

Тој предупреди дека во моментот постои јаз меѓу реториката за проширување и конкретните чекори на терен, додавајќи дека е време зборовите да се претворат во дела.

„Се повеќе слушаме за јасна перспектива од новата Европска комисија и од државите членки, но сега е време не само за зборови, туку и за реализација“, потенцира Муцунски.

Министерот посочи дека 2025 година претставува отрезнувачки јубилеј за земјата – 20 години откако Македонија доби статус на кандидат за членство во ЕУ, без да започне преговори.

„Ако некоја земја била третирана со двојни стандарди и неправедно, тоа е токму земјата што ја претставувам денеска тука“, рече тој.

Муцунски ја критикуваше и практиката на билатерализација на пристапниот процес, која, според него, го забавува евроинтегративниот напредок на целиот регион.

Осврнувајќи се на надворешната политика, министерот подвлече дека Северна Македонија е 100 проценти усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, истакнувајќи дека заедничките предизвици бараат заеднички решенија.

Тој изрази благодарност за организирањето на состанокот и надеж дека ваквите иницијативи ќе продолжат и во иднина.

На работниот ручек, кој беше дел од неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАЦ), министрите разговараа за надворешнополитичките и безбедносните предизвици, со акцент на зголемување на отпорноста кон хибридни закани.

CATEGORIES
Share This