МЕСИ ПРОТИВ САЛАХ ЗА МЕСТО ВО ЧЕТВРТФИНАЛЕТО Вечерва се комплетира елитата на Светското првенство
Аргентина е фаворит против Египет, додека Швајцарија и Колумбија ќе водат неизвесна битка за последната четвртфинална пресметка.

Со денешните два натпревари ќе биде комплетирана осминафиналната фаза на Светското првенство, по што ќе бидат познати сите четвртфинални двојки.
Во првиот меч, кој започнува во 18:00 часот во Атланта, актуелниот светски шампион Аргентина ќе се соочи со Египет. Аргентинците, предводени од Лионел Меси, важат за фаворити и се очекува да ја оправдаат таа улога, но Египет покажа дека поседува квалитет и не смее да биде потценет. Голема надеж на африканската селекција повторно ќе биде Мохамед Салах, кој има можност со добар настап да ја одведе својата репрезентација меѓу осумте најдобри.
Вториот осминафинален дуел ќе се игра од 22:00 часот во Ванкувер, каде силите ќе ги одмерат Швајцарија и Колумбија. Двете селекции со добри игри заслужено стигнаа до оваа фаза, па се очекува неизвесен натпревар во кој нијанси би можеле да го решат патникот во четвртфиналето.
Победниците од овие два натпревара ќе се сретнат во четвртфиналето, кое е закажано за 12 јули во 03:00 часот по македонско време во Канзас Сити.
Останатите четвртфинални пресметки веќе се познати: Франција – Мароко, Шпанија – Белгија и Англија – Норвешка.


