ТРИ НОВИ АНТИКОАГУЛАНТНИ ЛЕКОВИ НА ПОЗИТИВНАТА ЛИСТА Пациентите ќе плаќаат значително помалку
Од 1 јули пациентите ќе плаќаат само партиципација за дел од терапијата, а заштедите достигнуваат и до 1.752 денари.

Три нови антикоагулантни лекови од 1 јули се достапни на позитивната листа на Фондот за здравствено осигурување, со што пациентите ќе добијат полесен пристап до терапијата и значително пониски трошоци. Станува збор за лековите еноксапарин, надропарин и ривароксабан, кои се користат за спречување на создавање згрутчувања на крвта. Информацијата ја соопшти директорот на ФЗО, Сашо Клековски, на прес-конференција во Владата.
„Кај еноксапаринот се достапни два бренда, кај надропаринот еден бренд, а кај ривароксабанот во почетниот период ќе биде достапен еден бренд“, изјави Клековски.
Тој појасни дека првите два лека досега биле достапни преку рефундација, но од сега пациентите ќе можат да ги добиваат преку рецепт од специјалист и со партиципација. Според Клековски, цената на еноксапаринот и надропаринот досега се движела од 1.100 до 2.700 денари, зависно од дозата и големината на терапијата. Со ставањето на позитивната листа, пациентите ќе плаќаат партиципација од 160 до 240 денари, а еден од брендовите ќе биде достапен без дополнителна доплата.
Најголема промена има кај лекот ривароксабан, кој за првпат се вклучува на позитивната листа. Досега неговата цена се движела меѓу 2.000 и 2.200 денари, а сега ќе биде достапен со партиципација од 160 денари. Во почетниот период ќе постои доплата од 105 до 505 денари, во зависност од дозата и бројот на таблети. За најчесто користеното пакување од 10 милиграми со 30 таблети, заштедата за пациентите ќе изнесува околу 1.752 денари. Од 1 јануари 2027 година, овој лек треба да биде достапен без доплата, само со партиципација.
Клековски нагласи дека целта не е само намалување на трошоците за граѓаните, туку и намалување на цените на лековите.
„Со вклучувањето на позитивната листа цената се формира преку систем на референтни цени, споредувајќи ги цените во земји како Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија и Грција“, рече директорот на ФЗО.
Тој најави дека ова е почеток на процес за проширување на позитивната листа со поскапи лекови кои претставуваат значителен финансиски товар за пациентите, особено кај хроничните заболувања. Од Фондот информираат дека поради проблеми со прилагодувањето на аптеките, од 1 до 15 јули ќе продолжи можноста за прифаќање рефундации за овие антикоагулантни лекови.


