ГОЛЕМ ПРОЕКТ СТАРТУВА Скопје конечно добива автопат кон Блаце, еве што се гради

Со грант од ЕБОР започнува изградбата на автопатската делница, која вклучува тунели, мостови и надвозници, а реализацијата е најавена да почне во август и да трае околу четири години.

ГОЛЕМ ПРОЕКТ СТАРТУВА Скопје конечно добива автопат кон Блаце, еве што се гради
Фото: Принтскрин

Потпишан е договор меѓу ЈП за државни патишта (ЈПДП) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за обезбедување грант средства за изградба на автопатот Скопје-Блаце.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека станува збор за проект кој со децении бил најавуван и кој, како што рече, конечно влегува во фаза на реализација. Тој посочи дека со неговата изградба, заедно со неколку други автопатски делници, ќе се овозможи значително подобрување на патната инфраструктура во земјата.

„Покрај оваа делница што треба да го поврзе главниот град со Блаце, се работи и на делниците Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани, како и завршување на автопатот Кичево-Охрид, Прилеп-Битола и поврзувањето Букојчани-Кичево. Очекувам овие шест автопатски делници да се реализираат во ист временски период, што ќе претставува значајна додадена вредност за економијата“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека економскиот развој останува еден од главните приоритети на Владата, при што градежништвото ќе има клучна улога во следниот период.

„Очекувам градежниот сектор да продолжи со засилена динамика. Податоците за април покажуваат значително повисоко ниво на реализација на проекти во споредба со истиот период лани“, додаде премиерот.

Директорот на ЈПДП, Коце Трајановски, информираше дека изградбата на вториот дел од автопатот Скопје-Блаце се очекува да започне во август и да трае околу четири години.

Тој појасни дека трасата поминува низ исклучително тежок ридско-планински терен на Скопска Црна Гора, поради што проектот вклучува изградба на пет двоцевни тунели со вкупна должина од околу пет километри, девет мостови со должина од 2,5 километри, 11 надвозници, четири галерии за стабилизација на косини со должина од по еден километар, како и девет потпорни ѕидови.

„Подготовките се во завршна фаза. Консултантот и изведувачот се избрани, а надзорот е во фаза на евалуација и наскоро ќе биде завршен“, изјави Трајановски.

CATEGORIES
Share This