ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Политички преглед на денот, недела, 05 јули 2026 година.

Политички преглед на денот, недела 05 јули 2026 година. Што објавија ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија?
ВМРО-ДПМНЕ: Венко Заев знае дека дијаспората нема да гласа за СДС затоа го блокираат Изборниот законик
Стравот на Венко Заев и СДС е едноставен, тие знаат дека дијаспората нема да гласа за нив затоа што тие луѓе си заминаа од државата токму поради нивното катастрофалното раководење. Венко Заев и СДС денес панично го блокираат Изборниот законик со илјадници амандмани од една единствена причина, бидејќи стравуваат дека македонската дијаспора нема да им ја даде довербата. Токму нивното катастрофално владеење, неспособноста, криминалот, корупцијата и понижувањата што и ги нанесоа на државата ги натераа илјадници граѓани да ја напуштат Македонија. Луѓето заминаа затоа што ја изгубија надежта дека СДС може да обезбеди достоинствен живот.
СДС и Венко Заев наместо да покажат минимум одговорност и да овозможат полесно остварување на избирачкото право на иселениците, СДС прави се за да го закочи Изборниот законик. СДС и Венко Заев знаат дека дијаспората нема да гласа за оние кои ја натераа да си замине. Блокадата на СДС и Левица нема никаква врска со демократијата, туку со стравот од уште поубедлив изборен пораз. Доказ дека СДС се плаши од избори е и последната анкета каде ВМРО-ДПМНЕ има повеќе од трипати поголема поддршка од СДС, додека довербата во опозицијата паѓа под 100 илјади гласови.
Со доверба од само 6 проценти, граѓаните испраќаат јасна порака дека политиките на СДС не добиваат поддршка. На СДС му се неопходни суштински реформи и целосно нов пристап. Додека СДС останува на чело со луѓе кои се поврзуваат со криминал и корупција, како Венко Заев, довербата кај граѓаните во СДС ќе продолжи да опаѓа. Дополнително, Амбасадорот на ЕУ во Македонија, господинот Михалис Рокас јавно го поздрави предложениот Изборен законик и повика на политички консензус за негово донесување. Единствени кои остануваат на спротивната страна се СДС и Венко Заев, кои повторно ги ставаат партиските интереси пред интересите на државата и граѓаните.
СДС и Левица колку и да блокираат, колку и да опструираат, вистината не можат да ја сокријат. Граѓаните добро знаат кој ја доведе државата до оваа состојба и кој ги принуди нивните најблиски да ја бараат својата иднина надвор од Македонија. Следните избори ќе бидат јасен одговор на нивната политика на блокади, поделби и неуспеси.
СДСМ: Од Мицкоски ништо ново – повторно идеја за изборен грабеж на гласовите од дијаспората
Лага е дека СДСМ е против тоа дијаспората да гласа. СДСМ е против Мицкоски да гласа наместо дијаспората! Сведоци сме на нов обид за изборен грабеж со гласовите од дијаспората на шефот на организираната криминална група, Христијан Мицкоски. Откако се спротивставивме и го блокиравме нивниот предлог за електронска кражба на гласовите од дијаспората, поради огромниот ризик од злоупотреби, сега се бара алтернативен метод за остварување на истата цел.
Очигледно е дека ВМРО-ОКГ нема намера да се откаже од злоупотреби и манипулација со гласовите на над 200 илјади граѓани од дијаспората. Замената на електронското гласање, без никаква контрола, со писма по пошта, без притоа ДИК да има можност да го регулира со консензус, не е гарант за безбедност и контрола на слободно изразување на вољата на граѓаните, туку нова можност за изборни манипулации и нерегуларности.
Гласање преку пошта без строга институционална верификација оневозможува да се утврди идентитетот на гласачот и да се заштити тајноста на гласот. Тоа е директно заобиколување на изборните правила. СДСМ нема да дозволи изборен грабеж, ние имаме обврска да го заштитиме гласањето и овие игри на ВМРО не ги прифаќаме.
Власта треба да се откаже од овие намери, да се повлече и да се достави предлог ДИК со консензус да може да го регулира гласањето на дијаспората. Ниеден обид за кражба и злоупотреба на вољата на гласачите нема да Ви помине, исто како што не ви поминуваат ни платформите за иднината на Мицкоски – ЗНАМ 2.0
ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Тајниот договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЛЕВИЦА и ЗНАМ готов – еве колку милиони евра си земаат од буџетот, вонпарламентарните се бришат од играта
Забавата за јавноста околу Изборниот законик и наводните жестоки расправи за државното финансирање на изборната кампања продолжува.
Единствена Македонија апелира до граѓаните да не подлегнуваат на она што се прикажува како јавна кавга. Во позадина, според нас, оние што наводно се расправаат, веќе имаат постигнато договор за распределбата на средствата за изборната кампања.
Најодговорно тврдиме дека на следните вонредни парламентарни избори во пролет 2027 година, формулата за распределба на буџетските средства е веќе договорена: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ВЛЕН добиваат по околу 800.000 евра , Левица и ЗНАМ околу 300.000 евра и останатите парламентарни партии без пратеничка група околу 200.000 евра. Сите, се задоволни во заднина, додека јавно гледаме божемни расправии.
Најзагрижувачки за демократијата е фактот што вонпарламентарните партии се исклучени од државното финансирање, со што, де факто, се укинува нивното политичко делување, иако станува збор за буџетски средства на сите граѓани.
Се продолжува 35-годишната практика според која во Македонија никогаш не се обезбедени целосно фер изборни услови, имајќи предвид дека финансирањето за медиумско претставување е клучен фактор за еднаков пристап до гласачите.
Поради тоа, неопходно е или еднакво финансирање и на парламентарните и на вонпарламентарните партии или укинување на ваквиот модел. Неприфатливо е да се глуми лудило во јавноста и привид на демократски процес, додека суштинските правила однапред се договараат.
Познатата изрека „дај му на народот леб и игри“ повторно добива своја примена во политичката практика.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија


