ИЗНЕНАДУВАЧКИ ЗА МАКЕДОНИЈА: Ирска ја објави агендата, а нашата земја ја нема меѓу приоритетите
Додека Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија добиваат конкретни цели, Македонија не е посебно спомната во програмата на ирското претседателство со Советот на ЕУ.

Ирското претседателство со Советот на Европската Унија за 2026 година ги постави конкурентноста, вредностите и безбедноста како свои три главни приоритети, додека проширувањето останува важен дел од агендата, но без посебен фокус на Македонија.
Во програмата, Ирска најавува дека ќе работи на завршување на пристапните преговори со Црна Гора и ќе се стреми кон значителен напредок во преговорите со Албанија, Украина и Молдавија. Македонија не е конкретно спомната како приоритет, што укажува дека во оваа фаза не е во центарот на вниманието на ирското претседателство.
Покрај проширувањето, Ирска ќе се фокусира на зајакнување на конкурентноста на европската економија преку поедноставување на правилата, развој на Единствениот пазар, дигитализација, вештачка интелигенција и енергетска транзиција.
Во делот на вредностите, акцентот е ставен на заштита на демократијата, владеењето на правото, човековите права, борбата против дезинформациите и заштитата на децата во дигиталниот простор.
Безбедноста е третиот столб на програмата, со фокус на руската агресија врз Украина, кризите на Блискиот Исток, сајбер-безбедноста и зајакнувањето на европските одбранбени капацитети во соработка со НАТО и ОН.
Ирска оценува дека проширувањето е стратешка инвестиција во мирот, безбедноста и стабилноста на Европа, но приоритет им дава на земјите кои се поблиску до членство или имаат подинамичен преговарачки процес. Исто како и во претходните претседателства, Македонија не добива посебен акцент во програмата.
ЕУ БАРА УСТАВНИ ИЗМЕНИ, МИЦКОСКИ БАРА ГАРАНЦИИ Кој ќе попушти прв?


