СЕ КРЧКА НОВ ПОЛИТИЧКИ СУБЈЕКТ Познати имиња зад затворени врати испратија силни пораки

Иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“ собра професори, пратеници, адвокати, граѓански активисти и поранешни функционери на СДСМ, кои порачаа дека не формираат нова партија, туку отвораат дебата за нов општествен договор и иднината на опозицијата.

СЕ КРЧКА НОВ ПОЛИТИЧКИ СУБЈЕКТ Познати имиња зад затворени врати испратија силни пораки
Фото: Принтскрин

Универзитетски професори, актуелни пратеници, адвокати, граѓански активисти, лекари, поранешни функционери на СДСМ и актуелен градоначалник учествуваа на првата дебатна средба „Разговори за иднината во 12:05“, која се одржа зад затворени врати и веќе отвори шпекулации за можни нови политички процеси во македонскиот опозициски блок.

Средбата ја модерираше поранешниот пратеник на СДСМ и универзитетски професор Игор Ивановски. Меѓу присутните беа Андреј Петров, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ, Александар Бајдевски, пратеничките Славјанка Петровска и Моника Зајкова, градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митревски, адвокатите Звонко Давидовиќ и Валентин Пепељуговски, универзитетските професори Ненад Марковиќ и Предраг Трпевски, како и поранешни функционери и директори блиски до СДСМ, меѓу кои Милена Стевановиќ и Стојко Пауновски. На средбата учествуваа и Љубомир Гајдов, Ивор Мицковски, Ема Нешковска, Костадин Ацевски, Драган Анастасов, Диме Велковски, Коста Начевски, Насе Насев, Бојан Столевски, Митко Андреевски, Милена Цветановска, Сретен Богоевски и Горан Стојковски – Диро, кој се обрати со писмено обраќање.

По дискусијата, учесниците усвоија повеќе заеднички заклучоци. Оценија дека прогресивната демократска јавност има потреба од суштинска и објективна дебата, ослободена од влијанието и потребата за допадливост кон партиските авторитети.

Според нив, граѓаните денес живеат во услови на неефикасна власт која, наместо вистински политички противник, создава слика за виртуелна опозиција. Истовремено, тие посочија дека истражувањата на јавното мислење покажуваат политичка сцена во која од едната страна постои силна владејачка коалиција, а од другата фрагментирана и недоволно ефикасна опозиција.

Учесниците сметаат дека опозицискиот простор не треба да се пополнува со создавање нови политички партии, туку преку идеолошка и вредносна трансформација што ќе понуди нова визија и нов пристап кон политичкото организирање.

Во заклучоците беше наведено и дека на Македонија ѝ е потребен нов општествен договор кој ќе претставува основа за создавање широк демократски и опозициски потенцијал за идни промени. Притоа беше нагласено дека процесот на разговори ќе продолжи со цел да се дојде до одржливи и применливи решенија за иднината на државата.

Организаторите потенцираат дека иницијативата нема амбиција да прерасне во нова политичка партија, туку има за цел да отвори простор за сериозна демократска дебата за иднината на Македонија и за опозициското дејствување.

Според нив, „Разговори за иднината во 12:05“ претставува платформа за подигнување на нивото на јавниот дијалог, додека симболиката на времето „12:05“ испраќа порака дека е крајно време да се отвори суштинска расправа за иднината на државата.

Организаторите наведуваат дека во иницијативата се вклучени три неформални групи на општествени чинители: граѓански активисти кои никогаш не биле членови на политички партии, актуелни опозициски носители на јавни функции и истакнати претставници од различни генерации на СДСМ.

Првата сесија се одржа според принципот „Chatham House Rules“, правило за доверливост што овозможува учесниците слободно да разменуваат ставови, при што информациите од дискусијата можат да се користат, но без откривање на идентитетот на оној што ги изнел.

CATEGORIES
Share This