ПОЛИЦИЈАТА ОТВОРИ ИСТРАГА На распит и малолетниците кои го снимале насилството во Аеродром

Жртвата веќе дала исказ во присуство на родител, а за случајот е известен јавен обвинител.

ПОЛИЦИЈАТА ОТВОРИ ИСТРАГА На распит и малолетниците кои го снимале насилството во Аеродром
Фото: Принтскрин

Полицијата започна постапка за целосно расчистување на случајот со бруталното меѓуврсничко насилство врз девојче од седмо одделение во скопската населба Аеродром. Во полициска станица се повикуваат на распит сите лица кои се сомничат дека учествувале во инцидентот, како и десетината малолетници кои го снимале и го охрабрувале насилството. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека СВР Скопје презема мерки по допрен глас за утврдување на идентитетот на сите инволвирани лица и за целосно расчистување на случајот.

„Се повикуваат сите осомничени во врска со предметниот настан, а веќе е извршен разговор со жртвата во присуство на родител и за случајот е известен јавен обвинител“, соопштија од МВР.

Случајот предизвика силни реакции во јавноста откако на социјалните мрежи се појавија две видеа на кои се гледа како девојче е удирано со шлаканици, кубено за коса, навредувано, понижувано и принудено да клекне на колена и да ѝ се извини на врсничка. Насилството го снимале и го следеле повеќе малолетници, кои, според сведоштвата, навивале и го охрабрувале нападот. Инцидентот се случил вечерта на 30 јуни во населбата Аеродром.

Истовремено, очевидци тврдат дека веднаш по настанот се обратиле во Полициската станица Лисиче и ги доставиле видеоснимките како доказ за случувањето. Според нивните наводи, тогаш им било кажано дека тие не се сведоци на настанот и дека пријавата треба да ја поднесе самата жртва. Во меѓувреме, по ширењето на снимките на социјалните мрежи и по медиумските објави, полицијата отвори предмет и започна интензивни активности за идентификување и повикување на сите инволвирани лица, а случајот е под надзор на јавен обвинител.

CATEGORIES
TAGS
Share This