СОБРАНИЕТО ПРЕСЕЧЕ Забрана за малолетници, задолжителен шлем и високи глоби
Тротинетите ќе се движат по велосипедски патеки, а по тротоар само во исклучителни случаи и со максимална брзина од 6 км/ч.

Собранието ги усвои измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои за првпат прецизно се регулира користењето на лесните електрични возила, вклучително и електричните тротинети. Новите правила имаат цел да ја зголемат безбедноста во сообраќајот по бројните поплаки за несовесно возење, особено во урбаните средини.
Според измените, електричен тротинет ќе смеат да управуваат исклучиво полнолетни лица. Максималната дозволена брзина е ограничена на 20 километри на час, а забрането е превезување на второ лице.
Тротинетите ќе треба првенствено да се движат по велосипедски патеки. Доколку таква инфраструктура не постои, ќе можат да се движат по тротоар, но со максимална брзина до 6 километри на час. Дополнително, возачите нема да смеат да управуваат без двете раце на управувачот, ниту да користат мобилен телефон или слушалки додека возат.
Законот воведува и задолжително користење на заштитен шлем, а при ноќно возење и носење рефлектирачки елек.
Со новите законски решенија се предвидува и директна одговорност за родителите или старателите кога сообраќаен прекршок ќе направи малолетник. Во зависност од тежината на прекршокот, тие ќе бидат санкционирани со глоби од 50, 80 или 120 евра.
Предвидени се и конкретни казни за прекршителите. За непочитување на правилата за движење е предвидена глоба од 80 евра, додека за пречекорување на дозволената брзина казната изнесува 120 евра.


