ФАТЕНА НА ДЕЛО Асистентка на факултет во Штип уапсена со обележани 300 евра

Студент од Турција ја пријавил асистентката, а полицијата организирала контролирана акција и ја уапсила веднаш по примањето на обележаните 300 евра.

ФАТЕНА НА ДЕЛО Асистентка на факултет во Штип уапсена со обележани 300 евра
Фото: Принтскрин

Асистентка на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е уапсена под сомнение дека побарала и примила поткуп од студент за да му овозможи да положи испит.

Случајот бил откриен по пријава од 26-годишен студент од Турција, кој привремено престојува во Штип и студира на УГД. Според информациите од Министерството за внатрешни работи, студентот на 22 јуни пријавил дека асистентката Т.А. (39) побарала 300 евра за да му овозможи да го положи испитот по физикална медицина, кој требало повторно да го полага на 29 јуни.

По пријавата, СВР Штип, во координација со Основното јавно обвинителство, организирал контролирана акција. На студентот му биле дадени три криминалистички обработени банкноти од по 100 евра, а осомничената била приведена веднаш откако ги примила парите.

Од МВР информираа дека асистентката е задржана во полициска станица, а обележаните пари се одземени како доказ. По целосното документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена кривична пријава за кривичното дело „примање поткуп“.

По апсењето реагираше и Универзитетот „Гоце Делчев“, од каде порачаа дека имаат нулта толеранција кон сите форми на корупција и дека во академската заедница нема место за лица кои ја злоупотребуваат својата позиција.

„Целосно ги поддржуваме активностите на надлежните институции во борбата против корупцијата. Само со професионални, законити и неселективни постапки можат да се откријат, санкционираат и трајно да се отстранат ваквите појави од академскиот систем“, наведуваат од Универзитетот.

Оттаму ги повикаа студентите и граѓаните да пријавуваат секое сознание за корупција, нагласувајќи дека постојат институционални механизми и на Универзитетот и во надлежните органи. Според УГД, навременото пријавување и доследната примена на законот се клучни за создавање образовен систем во кој знаењето, чесноста и интегритетот ќе бидат единствените критериуми за успех.

Инаку, истражувањата покажуваат дека корупцијата и понатаму претставува сериозен проблем во високото образование. Регионалната студија „Corruption Perceptions and Prevention in Higher Education“, спроведена меѓу 934 студенти од Македонија, Србија и Албанија, покажува дека студентите во Македонија како најчести облици на корупција ги посочуваат поткупот за полагање испити, непотизмот, фаворизирањето на поединци и политичките влијанија. Истражувањето укажува и на ниска доверба во механизмите за пријавување, поради што се препорачуваат поголема транспарентност и поефикасна заштита на пријавувачите.

CATEGORIES
Share This