ФУДБАЛСКИ ЗЕМЈОТРЕС Германија и Холандија испаднаа во иста ноќ, Мундијалот доби нови херои
Мароко по пенал-драма ја испрати Холандија дома, додека Парагвај приреди сензација со елиминација на Германија.

Фудбалскиот гигант Германија доживеа вистински шок на Светското првенство, откако беше елиминирана од Парагвај во драматична пенал-серија. По 120 минути борба резултатот беше 1-1, а јужноамериканската селекција покажа поголема смиреност и обезбеди историски пласман во осминафиналето.
Германците го започнаа натпреварот со поголем посед на топката и ја имаа иницијативата, но тешко создаваа вистински опасни ситуации пред голот на Парагвај. Дефанзивниот блок на противникот одлично функционираше, а избраниците на Јулијан Нагелсман не успеваа да го најдат патот до мрежата.
Казната стигна во финишот на првото полувреме. Парагвајците искористија брза контраакција, а Енсисо погоди за шокантно водство од 1-0. Германија веднаш тргна по израмнување во вториот дел, а притисокот вроди со плод во 54. минута. Флоријан Вирц одлично асистираше, а Каи Хаверц со прецизен удар со глава го израмни резултатот на 1-1.
До крајот на регуларниот дел „панцирите“ имаа поголема иницијатива, но не успеаја да го скршат отпорот на Парагвај, па победникот мораше да се решава во продолженијата. Во дополнителните 30 минути Германија успеа да постигне гол преку Џонатан Тах, но погодокот беше поништен поради прекршок врз голманот на Парагвај.
Следуваше пенал-рулетот, кој донесе невидена драма. Хаверц не реализираше во првата серија, откако голманот Хил го прочита неговиот удар. Парагвајците беа сигурни во првите обиди, додека за Германија погодија Кимих и Мусијала, но промаши Волтемаде. Кога Парагвај имаше можност да стави точка, Нојер ги одбрани ударите на Санабрија и Валбуена, враќајќи ја Германија во игра. Амири потоа израмни на 3-3 по пет серии.
Сепак, конечната одлука стигна по ударот на Џонатан Тах, кој шутираше над голот. Канеле остана смирен и го реализираше решавачкиот пенал за огромно славје на Парагвај. Со оваа победа Парагвај приреди една од најголемите сензации на Мундијалот и обезбеди место во осминафиналето, додека Германија предвреме го завршува настапот на турнирот.
Во другиот натпревар, Мароко обезбеди место во осминафиналето на Светското првенство, откако по драматична пенал-серија ја елиминира Холандија. По 120 минути игра резултатот беше 1-1, а Мароканците беа посмирени од белата точка и заслужено се пласираа понатаму.
Натпреварот започна со подобра игра на Мароко. Во 20. минута Ел Ајнауи сериозно се закани, но холандскиот голман Вербруген одлично интервенираше. Само една минута подоцна Хакими повторно ја тестираше неговата подготвеност, а чуварот на мрежата уште еднаш беше сигурен. Со текот на времето Холандија воспостави контрола врз играта и создаде повеќе иницијатива, но и мароканскиот голман Боно беше на висина на задачата, па мрежите мируваа до паузата.
Во второто полувреме долго немаше поголеми возбудувања, сè до 72. минута кога Коди Гакпо најдобро се снајде во шеснаесетникот и донесе водство од 1-0 за „лалињата“, кои изгледаа како сигурен патник во следната рунда. Сепак, Мароко не се предаде. Во судиското надополнување Диоп ја искористи шансата и постигна гол за 1-1, носејќи го натпреварот во продолженија. Во дополнителните 30 минути немаше промена на резултатот, па победникот се решаваше со удари од белата точка.
Во пенал-серијата Холанѓаните целосно потфрлија, промашувајќи три удари, додека Мароканците покажаа поголема смиреност и прецизност, што им донесе голема победа и пласман во осминафиналето. Во следната фаза Мароко ќе се соочи со Канада во борбата за место меѓу најдобрите осум селекции на Светското првенство.


