ВЕЧЕРВА ПАЃА ОДЛУКАТА Мицкоски ги открива новите министри

По седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат објавени новите министри и распределбата на ресорите.

ВЕЧЕРВА ПАЃА ОДЛУКАТА Мицкоски ги открива новите министри
Фото: Принтскрин

Јавноста вечерва се очекува да ги дознае сите детали за реконструкцијата на Владата, откако ќе заврши седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека принципиелен договор со коалициските партнери „Вреди“ и ЗНАМ веќе е постигнат, но дека конечните кадровски решенија ќе бидат соопштени по партиската седница.

„Не сме разговарале за персонални решенија, туку принципиелно се договоривме за распределбата на ресорите. Додека не заврши седницата на Извршниот комитет, нема да коментирам ниту министерства ниту имиња. Очекувам јавноста вечерва, околу 20 часот, да биде целосно информирана“, изјави Мицкоски.

Тој најави дека по завршувањето на реконструкцијата, Владата ќе се фокусира на ребалансот на Буџетот и усвојување на реформските закони, додека кадровските промени во останатите институции ќе продолжат од септември, бидејќи во август Собранието е на редовен годишен одмор.

Според генералниот секретар на „Вреди“ и актуелен вицепремиер за европски прашања, Беким Сали, коалицијата по реконструкцијата ќе раководи со шест министерства: животна средина, економија, правда, европски прашања, култура и односи меѓу заедниците. Министерството за здравство, како што посочи, нема да биде дел од пакетот што ќе го добие „Вреди“.

Сали откри дека нови министри ќе има во ресорите култура и правда, но нивните имиња до неделата сè уште не биле договорени.

Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, пак, најави дека неговата партија ќе продолжи да раководи со две министерства. Тој истакна дека денеска конечно ќе биде познато како ќе бидат распределени ресорите меѓу коалициските партнери.

Во јавноста веќе се споменуваат и неколку сигурни кадровски промени. Арбен Фетаи, кој поднесе оставка од функцијата вицепремиер за добро владеење, нема да биде дел од новиот владин состав. Според информации од владејачката коалиција, од Владата најверојатно ќе заминат и министрите за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, за здравство Азир Алиу и за култура Зоран Љутков. Со реконструкцијата е опфатен и вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ, кој вчера на социјалните мрежи објави отчет за својата работа.

Мицкоски претходно изјави дека реконструкцијата не се спроведува само поради досегашните резултати, туку и поради новите приоритети на Владата. Засега не е познато дали промените ќе опфатат една третина од владиниот состав или ќе бидат пошироки.

Според најавите, веднаш по објавувањето на новиот владин состав, предлогот ќе биде доставен до Собранието, по што ќе биде закажана пленарна седница на која пратениците ќе одлучуваат за изборот на реконструираната Влада.

CATEGORIES
Share This