МОРНИЧАВ ПЛАН По убиството ја пријавил за исчезната, па измислил приказна за сон

Обвинителството отвори истрага против 51-годишен маж осомничен за убиство при семејно насилство, а судот ќе одлучува за негов притвор поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и повторување на делото.

МОРНИЧАВ ПЛАН По убиството ја пријавил за исчезната, па измислил приказна за сон
Фото: Принтскрин

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против 51-годишен маж осомничен за убиство извршено во услови на семејно насилство и до судот поднесе предлог за определување мерка притвор.

Според Обвинителството, постои основано сомнение дека на 25 јуни, во атарот на селото Летевци, осомничениот намерно ја лишил од живот својата сопруга. Како што се наведува, тој вечерта ја зел од нејзиното работно место, ја однел на тешко пристапен терен, каде физички ја нападнал и ја задушил. Жената починала на лице место.

По извршеното кривично дело, осомничениот го сокрил телото под гранки меѓу дрвјата, а следниот ден во полиција пријавил дека сопругата е исчезната.

Два дена подоцна, на 27 јуни, тој на тројца познаници им рекол дека знае каде се наоѓа жената, тврдејќи дека локацијата му била откриена во сон. Кога заедно отишле на местото што го посочил, било пронајдено телото, по што случајот веднаш бил пријавен во полиција.

Јавниот обвинител оценил дека постои опасност осомничениот да избега, да влијае врз сведоците или да го повтори делото, па затоа до надлежниот суд е доставен предлог за определување мерка притвор.

CATEGORIES
Share This