ПРЕКИН КАЈ АЕРОДРОМОТ Сообраќајот целосно запрен, возачите се пренасочуваат
Поради сообраќајна незгода во прекин е сообраќајот кај клучката „Меѓународен аеродром Скопје“, а возилата се пренасочуваат преку клучката Рафинерија.

Поради сообраќајна незгода, од 06:06 часот во прекин е сообраќајот на автопатот Куманово – Велес, кај клучката „Меѓународен аеродром Скопје“, односно на исклучокот од Скопје кон аеродромот. Сообраќајот е пренасочен преку клучката Рафинерија.
Според информациите од АМСМ, сообраќајот на останатите државни патишта се одвива по суви коловози, а интензитетот надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да бидат особено внимателни на делниците низ клисури, котлини и речни долини, каде што постои можност од појава на одрони. Најризични се патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Потсетуваат дека патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за сите возила до 3,5 тони.
Од 1 јули стапува во сила летниот режим на сообраќај, со кој се воведуваат временски ограничувања за движење на тешките товарни возила над 15 тони за време на викендите и во денови со екстремно високи температури. Дополнително, на магистралниот пат А2 Скопје – Охрид важат посебни ограничувања за товарни возила над 7,5 тони во текот на летната сезона.
Во меѓувреме, на повеќе патни правци низ државата се изведуваат градежни работи и санации на мостови, поради што е воведен времен режим на сообраќај. Возачите се повикуваат да ја следат поставената сигнализација и навреме да ја планираат својата маршрута.


