ПОЧНУВА ЛЕТНАТА ФИЛМСКА МАГИЈА „Троја“ го отвора киното под ѕвездите во Скопје
Од 3 јули киното на покривот на „Сити мол“ повторно ги отвора вратите, а посетителите цело лето ќе уживаат во филмски проекции под отворено небо, вклучувајќи и специјална вечер по повод 10 години од македонскиот филм „Џган“.

Љубителите на филмот и ова лето ќе можат да уживаат во кино под ѕвездите, бидејќи на 3 јули повторно започнува со работа киното на отворено на покривот на трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје.
Летната филмска сезона ќе биде отворена со проекција на епскиот спектакл „Троја“ (2004), а до крајот на летото публиката ќе има можност да проследи внимателно избрана филмска програма секоја среда, петок и сабота, со почеток во 20:30 часот.
Освен редовните проекции, организаторите најавуваат и неколку специјални филмски вечери. Меѓу нив е и одбележувањето на 10 години од македонскиот филм „Џган“, кое ќе биде проследено со свечена проекција посветена на ова филмско остварување.
Киното под отворено небо е заеднички проект на „Сити мол“ и „Синеплекс“, кој веќе традиционално им нуди на скопјани поинакво филмско доживување во летните вечери.


