ДИЗЕЛОТ ПАЃА, ЕЛЕКТРИЧНИТЕ РАСТАТ Европа го прави најголемиот автомобилски пресврт досега
Продажбата на нови автомобили во Европа расте, но главниот двигател не се бензинците и дизелите, туку електрифицираните модели.

Продажбата на нови автомобили во Европа продолжува да расте, и покрај економските предизвици и политичката неизвесност. Во периодот од јануари до мај годинава бројот на новорегистрирани возила е зголемен за 4,0 проценти во споредба со истиот период минатата година.
Сепак, растот не се должи на класичните бензински и дизел модели, туку на промената на навиките кај купувачите и сè поголемиот интерес за електрифицирани возила. Хибридите и електричните автомобили продолжуваат да освојуваат значителен дел од европскиот пазар, поддржани и од субвенциите и различните поволности за нивно купување на дел од европските пазари.
Најголем удел и понатаму имаат класичните хибридни возила. Во првите пет месеци тие сочинуваат 37,8 проценти од сите нови регистрации, со околу 1,8 милиони продадени автомобили. На второ место се бензинските возила со удел од 22,4 проценти.
Целосно електричните автомобили се третиот најбаран избор кај европските купувачи. Од јануари до мај се регистрирани 950.521 електрични возила, што претставува раст од 35,7 проценти во однос на истиот период лани и најголемо зголемување меѓу сите погонски технологии.
За разлика од електричните модели, приклучните хибриди губат дел од популарноста. Нивниот удел годинава изнесува 9,7 проценти, додека дизел автомобилите продолжуваат со падот. Во овој сегмент се продадени 361.971 возило, со удел од само 7,6 проценти од пазарот.
Другите видови погон, како метан и автогас, остануваат маргинални со удел од 2,4 проценти, главно благодарение на нивната застапеност на одделни пазари, особено во Италија.
Електричните автомобили најмногу напредуваат на најголемите европски пазари. Италија забележува раст од 75,7 проценти, Франција од 55,4 проценти, а Германија од 40,9 проценти. Овие три земји заедно учествуваат со околу 63 проценти од сите новорегистрирани електрични возила во Европа, додека Белгија има значително послаб раст од 2,8 проценти.
Трендот покажува дека европскиот автомобилски пазар постепено се пренасочува кон поеколошки технологии, а електрифицираните возила стануваат главен двигател на идниот раст.


